Јапонија ќе гради облакодер дупло повисок од Бурџ Калифа

tokk1[1]

Јапонија планира изградба на облакодер, кој ќе е два пати повисок од највисоката зграда во светот – Бурџ Калифа.

Работното име на зградата е Sky Mile Tower, а ќе е дом на околу 55.000 луѓе. На жителите и гостите, облакодерот ќе им понуди панорамска платформа на висина од 320 метри, како и ресторани, хотел, библиотека, продавници, фитнес и болница.

Архитектите на проектот тврдат дека облакодерот ќе биде апсолутно безбеден од секакви природни катаклизми. Токио е еден од најранливите градови во светот и е под постојана закана на тајфуни, урагани, земјотреси и цунами, но, според архитектите, силните ветрови се оние што ќе претставуваат најголема грижа (што не значи – и сериозна) за зградата, за разлика од земјотресите во регионот. Во тој контекст, зградата ќе биде опкружена со хексагонални структури со ширина од 150 до 1500 метри, чија цел ќе биде заштита на Sky Mile Tower од големите бранови во заливот. Облакодерот ќе користи и најнова технологија и енергија од исклучиво обновливи извори. Лифтовите во зградата ќе можат да се движат и хоризонтално и вертикално.

tokk2[1]

Ако проектот биде одобрен, се очекува изградбата на Sky Mile Tower да биде завршена во 2045 година.

Највисоката зграда во светот во моментот е Burj Khalifa во Дубаи, со височина од 828 метри. Најавени се неколку проекти кои планираат во следните години да ја преминат границата од 1 километар.

The Kingdom Tower, која се очекува да биде готовa во 2019 година, ќе има висина од 1008 метри. Исто така, повисока од километар ќе биде и Azerbaijan Tower (1050 м), додека Bride Tower во Ирак се очекува да се издигне до 1152 метри височина.

- Реклама -