„Стварно сакам жени“, рече еднаш Џо Намат (поранешен американски квотербек) за Плејбој. „Често, ноќите пред натпреварите ги поминувам со девојки“. И сега прво ти прелетува низ глава дека и оваа изјава, како и многу други, доаѓа од само уште една спортска непослушна ѕвезда која сака да се фали наоколу. Но, всушност, оваа навидум плитка самопофалба е неговиот придонес кон една од најжешките дебати во и околу спортот: дали да се има секс.
Мохамед Али избегнуваше секс барем шест недели пред борба. За време на Светското првенство во 2014-та, Сафет Сушич им забрани на фудбалерите од босанската репрезентација да имаат секс. Лани, Бордот за контрола на крикетот (националното регулаторно тело за овој спорт), во Индија, им забрани на играчите да се гледаат со сопругите и девојките за време на големите турнири… Овој тренд не се однесува само на модерното време и модерните спортски ѕвезди. Во 444 година п.н.е., Платон напиша: „Олимписките натпреварувачи треба да избегнуваат сексуална интимност пред трките“.
Од Сталоне и „Роки“ научивме дека „жените ги ослабуваат нозете“. А сепак, во отсуство на солиден доказ дека имањето секс на ноќта пред натпреварот ги намалува атлетските способности, ни останува да мислиме дека главниот ефект што го има врз спортистите можеби не се манифестира на телото, туку во умот. На крај краева, просечна секс партија помеѓу брачни партнери согорува само 25-50 калории. Тоа е како да искачите два спрата по скали, а тешко дека една таква вежба може да исцрпи здрав човек, а не па професионален спортист.
„Дефинитивно, сум бил искушен да се предадам на страста, но имам забележано дека постои цела низа на настани што не само што ме оставаат слаб во нозете, туку слаб и во главата исто така“, рече еднаш Патрик Свини, поранешен американски тимски кајакар. „Не сакам да бидам дефокусиран пред некој натпревар. Речиси сé што и претходи на една забавна сексуална средба подразбира труд и фокус. Сакам да бидам ‘присутен’ и со чиста глава да влезам во натпреварот, а сексот знае да го направи тоа потешко“.
Овој начин на размислување воопшто не е редок помеѓу спортистите. Секс-терапевтот Ерик Гарисон (поранешен тренер во колеџ кошарка) вели: „Постои ова верување дека сексот може да го оттргне паметот на играчите од натпреварот. Дека тие толку многу ќе мислат на она што се случило претходната ноќ, што ќе бидат збришани од паркетот уште пред да се свестат дека топката е фрлена“. Но, сексологот Џес О’Рајли не се согласува. „Ајде да не го жртвуваме сексот, кога алкохолот и забавите се главниот виновник“. Со неа се согласува и легендарниот тренер на Њујорк Јенкис – Кеси Стенџел, кој во една прилика за новинарите изјави: „Не е сексот тој кој ги упропастува овие момци, туку останувањето до раните утра во потрага по секс“.
Во 2000-тата, Јан Шрир – специјалист по спортска медицина на универзитетот во Монтреал, објави едиторијал посветен на темата, во кој пишува дека долготрајниот мит дека атлетите треба да апстинираат пред важните натпревари би можел да потекнува од теоријата дека сексуалната фрустрација води кон зголемена агресија. Тој објаснува дека спортистите што имаат најголема тенденција да се „потчинат“ на апстиненцијалната традиција се оние кои се дел од помоќните спортови, како боксот и американскиот фудбал. Ова, пак, делумно го објаснува цитатот на Роки. Во овие арени, агресијата е пожелна. Некои луѓе интуитивно веруваат дека ејакулацијата може да го намали тестостеронот, хормонот поврзан со сексуалната желба, но и агресијата.
Но, според Емануеле Џанини, од универзитетот L’Aquilla во Италија, „ова е навистина погрешна идеја“. Имено, по три месеци без секс, што не е така ретко кај дел од спортистите, тестостеронот драматично опаѓа – до ниво блиско на она кај децата. „Мислите ли дека тоа би било корисно за еден боксер?“, прашува тој.
Ама традициите тешко се прекинуваат, дури и кога се базираат на суеверие. Оние што со години се придржуваат до апстиненција од секс пред натпревар, веројатно нема да сакаат да ризикуваат и да направат промени во нивната рутина. „Имав неколку НФЛ и НБА професионалци во мојата ординација, кои не сакаа да расипат нешто со тоа што ќе ја прекинат ‘сувата серија’ пред натпреварите, без разлика колку и да беа попалени“, вели Гарисон. „Ако сексот ти ја исцрпува животната енергија или е во контраст со твоето морално јадро, тогаш не ризикувај – им велам“. За другите, кои немаат проблем да се препуштат на искушението, тој препорачува добра хидратација, добра исхрана и добар сон. „Неретко, најдобриот фудбал, кошарка и бејзбол се случува токму откако ќе поработам со овие момци на полето на нивните грижи околу сексот. Секој од нив побара дозвола да има секс ноќта или дента пред натпреварот“.
Физикалниот терапевт Коста Коколис, пак, има сосема спротивен став на традиционалното сфаќање што ја промовира апстиненцијата. Имено, според него, спортистите кои имаат секс пред натпревар дури извлекуваат и одредени предности пред оние другите. Сексуалната активност води кон зголемена циркулација на крвта, што е добро за телото, бидејќи го подобрува расположението, го зголемува чувството за физичките способности и го намалува исчекувањето и нервозата пред натпреварот. А тука е и фактот што добрите вибрации од сексот се пренесуваат и на теренот. Еден поранешен кошаркар (сака да остане анонимен), смета дека сексот пред натпревар дефинитивно му дава предност пред другите: „Сексот ти помага да се релаксираш и ти дава самодоверба. Тоа се пренесува на спортот кој го играш“.
Намат се согласува. Во интервјуто за Плејбој, тој објаснува дека еден кошаркар мора да е релаксиран за да игра добро, и дека ако тоа подразбира да биде со девојка претходната вечер, нема ништо лошо во тоа. „Ако некој играч не се чувствува така, не мора да го прави тоа. Ама јас се чувстувам така“.
Ронда Роузи, познатата фајтерка во мешани боречки дисциплини, во едно интервју призна: „Се трудам да имам што е можно повеќе секс пред борба“. Женските атлети како Ронда дури извлекуваат и секс-бенефити на кои нивните машки колеги немаат привилегија. Научниците откриваат дека женскиот оргазам може да го спречи ослободувањето на одреден трансмитер на болка, и тоа до период од 24 часа, што го намалува заморот и болката во мускулите. Во случајот на боречките вештини, ефектот е уште поголем, со оглед на тоа дека спортот вклучува многу удари и болка.
Дури и Плиниј Постариот – римски филозоф, бил на истото мислење. Има напишано: „Атлетите кои се млитави се ревитализирани од водењето љубов“. Којзнае, можеби токму ова е причината зад оние 100.000 кондоми на олимпијадата во Сочи.