Ве молам не купувајте евтини Андроид телефони

Ја имав таа привилегија речиси две години да користам евтин Андроид телефон, чијашто единствена истакната предност при купување беше – бесплатен со договор. Од денешна перспектива, апсолутно се придружувам кон паролата – не купувајте евтини Андроид телефони.

Кога зборуваме за евтини Android телефони, не зборуваме за оние модели што чинеле околу 15.000 денари кога се појавиле, а потоа операторите ги нудат бесплатно, по излегувањето на новите модели. Тие вообичаено имаат добри перформанси. Но, кога наспроти тие ќе ги ставиме ZTE Racer, Samsung Galaxy Y или LG Optimus T, тогаш нештата стануваат ужасно различни.

Застарен хардвер

Евтините Андроид телефони чиишто предности се сведуваат на „треба да чини околу 5.000 денари“, имаат застарени процесори, недоволно меморија, рецесивни екрани со лоша резолуција, често немаат блиц за камерата, која не поминува 3,2 мегапиксели и продуцираат ужасни видеа. Иако ваквите телефони доаѓаат со Android 2.3 или понова верзија, вие како крајни корисници нема да ги почувствувате благодетите од напредниот софтвер, бидејќи хардверот нема доволна моќ за сите опции (понекогаш и наједноставните апликации знаат да бидат страшно бавни).

Процесорите со две јадра веќе стануваат стандард кај паметните телефони, се појавија повеќе модели со квад-кор процесори (Samsung Galaxy SIII, HTC One X) и се очекуваат нови 30 во 2012 година; па оттаму станува јасно зошто телефони што ги исполнуваат минималните побарувања за користење на најголем дел од апликациите нема да ви користат за речиси ништо.

Немање поддршка

Еден од најголемите проблеми кај евтините Андроид телефони е што немате поддршка при решавање на проблемите со грешки во софтверот. Имено, ако имате телефон чиј краен дострел е првата верзија на Андроид или пак 2.3 Gingerbread, тогаш секој посериозен проблем со кој ќе се соочите може да биде и финален.

Развојниот тим на Андроид веќе работи на унапредување на верзија 4.1 Jelly Bean, која има гласовна интеракција далеку подобра од Siri на Apple. Оваа верзија станува автоматски достапна во наредниве неколку месеци кај корисниците на Nexus уредите, а потоа и кај сите кои имаат минимум Андроид 4.0.4. Ако имате евтин телефон, збогувајте се со сите идни апдејти.

Samsung Galaxy Nexus и ZTE Racer

Го добивате она за што сте платиле

Можеби оваа реченица ви се чини како најголемото клише на сите времиња, но кога станува збор за Андроид телефони е апсолутно точна. Ако купите евтин телефон постојано ќе имате нервози со бавното работење. Тие прават овој оперативен систем да изгледа лошо, но и луѓето што работат на создавање и развој на апликации – бидејќи никогаш нема да ги добиете врвните перформанси што ќе ги добиете од квалитетните телефони. Телефонот го користите 12 часа (некои луѓе и повеќе) дневно и ќе биде во вашите раце во следните 2 години – ова само по себе е доволна причина за да инвестирате во добар смартфон.

Вистинските пријатели не дозволуваат да купите евтин Андроид телефон

Како што воочив од личното искуство, вистински пријател никогаш нема да ви дозволи да купите евтин Андроид телефон (фала @cchevymk!). Можеби во мигот на купувањето евтиниот смартфон ќе ви се чини како одлична зделка, но повеќе од сигурно е дека за кусо време ќе зажалите за одлуката. Да, квалитетен паметен телефон ќе ве чини неколку илјади повеќе, но кога ќе размислите дека тој телефон ќе може без проблеми да ве служи во наредните 2 години и да ги добивате сите официјални апдејти од развојниот тим на Google, ќе знаете дека вреди да почекате, но и тоа што сте вложиле малку повеќе.

Откако по долго размислување и консултации со вљубеници во Андроид телефоните се одлучив да го купам Samsung Galaxy Nexus, вистински ја воочив разликата помеѓу евтините и одличните Андроид телефони. На овој телефон, на пример, без никакви проблеми можете да играте Counter Strike, игра што по ништо не се разликува од онаа која ја игравме на PC. На ZTE Racer можете да воспоставите повик и да слушате музика – а , ако имате среќа тој ден, звукот нема да сецка. Затоа, кога ќе се упатите во продавница по Андроид телефон, размислете добро во што сакате да вложите и што сакате да користите.

- Реклама -