Здравјето „запишано“ во дланките

Силата на стисокот на дланките е подобар показател за иднината на здравјето од крвниот притисок.

Тајната на здравиот живот – проценување на изгледот за прерана смрт, срцев или мозочен удар би можела да лежи во дланките, се наведува во студија која што ја објави медицинското списание „Lancet“.

Истражувањето спроведено на повеќе од 14.000 луѓе во 14 земји сугерира дека силата на стисокот на дланката е подобар показател за здравјето од крвниот притисок, пренесува Би-Би-Си.

Меѓународен тим на лекари објави дека испитувањето на силата на стисокот би можело да биде едноставен и евтин тест кој што би можеле да го спроведат лекарите, но експертите сепак тврдат дека не е јасна поврзаноста помеѓу силата на стисокот на дланката и здравјето на срцето, така што се потребни дополнителни испитувања.

Прочитајте и:  Омилениот зимски пијалок може да го намали ризикот од срцев удар, покажуваат истражувања

Максималната сила на стисокот со годините се намалува, но луѓето на кои што таа сила им опаѓа со брзо темпо, се наоѓаат во поголем ризик од здравствени проблеми, сугерира студијата.

Жените во 20-те имаат сила на стисок околу 34 килограми, што кај жените на 70 години паѓа на 24, додека еквивалентните износи за мажи се 54 односно 38 килограми.

Истражувањето покажало дека намалувањето на силата за пет килограми го зголемува ризикот од прерана смрт за 16 проценти, шансите за фатален срцев удар се зголемуваат за 17, а изгледите за мозочен удар растат до 9 отсто.

Истражувачите наведуваат дека мерењето на силата на стисокот на дланката точно ја предвидува иднината за здравјето на крвниот притисок, па тоа би можело да биде ново оружје при проценување на ризикот по здравје.

- Реклама -