Оставете ги телефоните, го пропуштате животот

Нови технологии, ново време, нови сфаќања… Никој не може да се бори со нив, но и не треба тврдоглаво да се фатиме за машината за пишување и да негираме сè што е ново и се обидува да навлезе во нашите животи. Постојат меѓутоа граници кои се заобиколуваат до степен, во кој веќе штетат.

Денес децата се раѓаат со таблети и паметни телефони во рацете. Растат со идејата за еден виртуелен свет, со кој што се запознаваат пред да го видат светот на игрите надвор. И логично дека не преферираат да излезат пред блокот кога во рацете држат десетици игри слични на оние надвор, како и виртуелна социјализација, преку разговори со оние што се вклучени онлајн.

Пред неколку дена видов ситуација која наликуваше на сцена од  документарен филм: Дете во публика на аматерски фудбалски натпревар, наместо да ја следи играта на теренот, играше фудбал на таблетот. Младото момче нуту еднаш на ја крена главата за да види што се случува пред него – во вистинската игра. За него нема значење дали седи на каучот дома или на стадион, кога целосно се исклучил од светот наоколу и си создал свој измислен таков.

И не е изненадувачки, со оглед на тоа што се почесто можеме да видиме деца како се собираат на некоја клупа, на која што ги вадат телефоните и почнуваат со игри во „мрежата”. Има и такви кои не учествуваат, бидејќи нивните родители не им купиле паметен телефон. Овие деца стојат околу другите и ги набљудуваат, сметајќи се за аутсајдери. Апсурдно е. Самата глетка е смешна и нејасно е зошто родителите кои пијат пиво на другата клупа, се смирени и го сметаат тоа за сосема нормално. И не се само децата, не се само родителите. Дали сте забележале дека кога ќе се соберете со друштво – дома, на кафе или на ручек, секогаш има барем еден кој ќе го извади телефонот уште на почетокот и ќе ги означи сите на Фејсбук. Каде се, што прават и со кого се. Ако никој не сфати каде сте и фактот дека се забавувате, доживувањето ќе биде ли помали целосно?

Ајде да се потсетиме на уште една ситуација. Утро… Автобусот е полн со луѓе. Совршен момент да направите едно истражување. Преброите колку луѓе има во автобусот или само на вториот спрат, а потоа колку проценти од нив во текот на 10 минути, го вадат својот телефон. Ќе се изненадите од бројката која е  поголема од 50 проценти – докажано.

Ова се претвора речиси во зависност, која што е модерна и неопходна. Замислете, колку пати реално имате потреба да проверите нешто на телефонот и колку пати сте го извадиле од чантата само од навика? Губиме од времето со луѓето со кои сме, за да им пишуваме на луѓе кои се онлајн. Го пропуштаме симпатичото детенце на соседното седиште во автобусот, што ни се смешка во пресрет. Ги пропуштаме кратките разговори со најблиските, кои имаат повеќе смисла од сите статуси кои некогаш ќе ги споделите. Пријателите и најблиските не се 458 луѓе како што пишува на Фејсбук, тие се неколку и време е да ги оставиме телефоните и да бидеме со нив, онака како што навистина заслужуваат.

Автор: С. Јорданова

- Реклама -