На Најџел Стјуарт Стоун (50) му дошло преку глава од неодговорното однесување на неговиот син кон автомобилот што тој му го подарил, па решил да го огласи возилото на Е-Bay. Ама кога имате кобинација од смисла за хумор и гнев, производот е неочекувано искрен и забавен.
Токму таков е огласот насловен „Кој би ја купил?“, во кој Најџел ја опишува колата на синот како „корпа за отпадоци“. Тој наведува и дека седиштата не работат затоа што „премногу девојки се возеле“ во автомобилот.
Патем, тој се извинува за ужасната состојба на црното Рено Клио и предупредува дека е полно со ѓубре, како и дека шасијата е прекриена со вдлабнатини – последица на сите обиди на синот да ја искористи како скала и да се прекачи дома преку балконот кога се прибира во ниедно време.
Според Најџел, автомобилот е идеален за секој тинејџер, бидејќи со самото купување тој го заштедува времето и напорот што Далтон (синот) го вложил за да го доведе возилото во таква состојба.
Лутиот татко вели дека дека и моторот не работи како што треба, но неговиот син нема појма за тоа, затоа што секогаш ја слуша неговата „заглушувачка“ музика премногу гласно.
Ако може да му се верува, на автомобилот никогаш не му е сменето маслото и водата, а никогаш не бил ни испран. Се разбира, нема ниту било каква гаранција. Ако има плус, тоа се новите патосници, кои стојат неупотребени во гепекот, веднаш до дупнатата резервна гума.
Па, зошто тогаш ја продава колата? Господин Стјуарт вели дека причината е што неговиот син сега има нов автомобил, за кој таткото исто така очекува да се најде на оглас во слична состојба за неколку години.
„Не верувам дека син ми очекуваше толку многу луѓе да го прочитаат огласот. Конечно можеби ќе се почувствува засрамен“, вели огласувачот потпишан како „посветен татко со мнооогу трпение“. Нема потреба да наведеме дека огласот достигна голема популарност, а веќе стигнаа и неколку понуди, од кои најголемата е 101 фунта.
ОГЛАСОТ
СИНОТ
АВТОМОБИЛОТ