Одамна во ниту еден продажен салон не било толку иновативно, разиграно, полно…, како што е во моментов во оној на Nissan каде може да се видат сите остварувања на компанијата, па и оние најновите, компактот Pulsar, теренецот X-Trail и освежениот Juke.
Три новитети на едно место, па тоа и во „најубавите времиња“ на автомобилската индустрија кај нас не се памети, посебно што кросоверите се уште не пристигнале на некои европски пазари, а Pulsar, свое деби имаше минатиот месец на салонот во Париз.
Салонот на импортерот за Nissan во Македонија, компанијата Аутомотив Груп, има навистина пакет на новитети, а за таа прилика во наредните четири викенда нуди интересна кампања. Ги повикува да го посетат сите, со цело семејство, бидејќи како велат во гамата имаат возило за секој негов член! И додека најмладите ќе имаат можност да се забавуваат во посебно подготвеното катче со разновидни игри, постарите ќе имаат можност да уживаат во пробните возења на потполно новиот X-Trail и обновениот Juke, како и компактниот Pulsar, потоа Qashqai, како и останатите модели на марката, малата Micra, практичниот Note, претставителниот Murano, моќниот Pathfinder и вредниот работник, камионетот Navara.
Nissan Juke, кој направи револуција на автомобилскиот пазар во Европа, се враќа со нов спортски дизајн, префинет ентериер и со поголем багажник за 40%. Овозможени се четири пакети за персонализација со дури 11 бои, од кои може да се креираат стотици комбинации. Juke како трендсетер ќе држи чекор пред другите и со новиот ефикасен 1.2 DIG-T турбо мотор со 115 KS.
Новиот X-Trail пристигнува со целосно нов дизајн на екстериерот и ентериерот, модерни технолошки решенија и палета високоефикасни агрегати. X-Trail само во теорија е можно да се замени со визуелно сличниот Qashqai, со кој ја дели CMF платформата, но во споредба со него е подолг за 26,8 а повисок за 10,5 сантиметри. Доаѓа со пет односно со седум седишта (со доплата), а покрај со погон на предните тркала, достапна е и верзија со All-Mode 4×4. Новиот 1,6-литарски дизел мотор со 130 КЅ и 320 Nm има за 18 проценти пониска емисија на CO2 отколку неговиот 2.0-литарски претходник, додека пак бензинскиот 1.6-литарски DIG-T турбо агрегат со 163 КЅ ќе пристигне во текот на 2015-та година. Во верзијата со пет седишта, багажникот има капацитет од 550 до 1.982 литри.
Nissan Pulsar е ориентиран кон пазарот во Европа и е еден од најпространите во својата класа. Меѓуоскиното растојание на Pulsar е 2.700 mm, а волуменот на багажникот изнесува 385 литри, а со соборување на задните седишта просторот се зголемува на 1.395 литри. Во основната верзија возилото е опремено со клима уред, 5-инчен дисплеј, електрични прозорци за сите врати, сензори за притисокот во гумите, 6 воздушни перничиња и систем Stop&Start. Како опции за Nissan Pulsar ќе се нудат систем од камери за кружен надзор, систем за контрола на мртвите зони, состав за предупредување при напуштање на сообраќајната лента, за итно запирање при опасност од удар, а исто така и мултимедијален систем со 7-инчен дисплеј. На пазарот хечбекот ќе се нуди со 1.2-литарски бензински мотор DIG-T и дизел агрегат dCi со зафатнина од 1.5 литри. Првиот развива 115 КЅ и 190 Nm, а вториот – 110 КЅ и 260 Nm вртежен момент.