Риалити чек: Да ѕирнеме зад GoPro камерата

Бидете искрени, сите сме поминале барем по неколку часа седејќи со подотворена уста, гледајќи ги сите оние Youtube видеа снимени со GoPro камера. Едноставно, снимките се премногу воодушевувачки, а откако ќе ги изгледате, неизбежно е да се освренете на својот живот со незадоволство и разочараност.

Но, не треба многу размислување за да се сфати дека вистината е малку поинаква. Вистината е дека нашите животи не се толку спектакуларни и возбудливи за да се вредни да бидат снимани. Обичните луѓе не скокаат од карпи, ниту пак се тркаат со рели автомобили. Обичните луѓе го шетаат кучето, и евентуално одат на прошетка преку викенд.

Презаситен од сите овие илузии, reddit корисникот fryest реши да ги објави снимките од неговата GoPro камера, рака под рака со оние екстремно возбудливи авантури.

„Решив да купам GoPro камера поради сите оние кул видеа што луѓето ги снимаат. Набрзо сфатив дека мојот живот е без врска“.

Што ќе рече еден од коментарите, „Неговите GoPro видеа предизвикуваат интензивно сожалување… Тој е… НАЈОБИЧНИОТ човек на светот!“. Дури ни тоа не е вистина. Не секој обичен човек има куче, а ретко кој оди на кајакарење.

Уште од самиот почеток, GoPro камерата случајно или намерно се асоцира со екстремни спортови, неповторливи авантури и адреналин – моменти кога навистина се чувствуваме дека сме живи. Читајќи ги коментарите на Интернет, лесно е да се заклучи дека многумина наседнале на мамката и го купиле најновиот модел, само за да им собира прав на полицата.

„Ќе беше супер ако додал малку забавена снимка и дабстеп музика, за да ги зачини видеата со секојдневните активности“, вели еден од коментарите под видеото. Токму така. Не е камерата она што е толку кул. Она што не восхитува се активностите што ги гледаме во видеото и фактот што не ги правиме, а би сакале.

Па, размислувајте. Мислата е најдоброто оружје против компулсивниот конзумеризам. Не ве подучуваме, само ве потсетуваме.

- Реклама -