На нашето небо вечерва ќе имаме чест да видиме несекојдневна приредба. Главни актери се Супер-Месечина и метеорскиот дожд – Персеиди.
Ова е еден од најисчекуваните настани во астрономскиот календар. Месечината ќе ни се претстави во најблескаво издание досега во последните 20 години. Не само што ќе биде полна, туку ќе се најде и на најблиската точка до Земјата (перигеј). Два дена подоцна, метеорскиот дожд ќе кулминира, со огнени топки посветли и од Јупитер и Венера.
Супер-Месечината е честа појава, а летово ќе видиме три. Последната се случи на 12-ти јули, а следната се очекува на 9-ти септември.
Сепак, глетката што ќе можеме да ја видиме вечерва ќе биде феномен што повторно ќе се случи дури во 2034-та година. Само неколку минути откако ќе достигне до перигеј, Месечината целосно ќе ни ја прикаже својата осветлена страна. Ќе се најде на растојание пократко за 50.000 километри од растојанието кога е на најдалечната точка. Тоа значи дека ќе изгледа за 14% проценти поголема, и ќе биде 30% посветла.
Не пропуштајте.