Македонија на европско првенство во ракомет

Ракометна еуфорија повторно ја тресе Македонија. Женската ракометна репрезентација успеа да се пласира на ЕП во Холандија и по четири години повторно ќе биде дел од континентаниот ракометен собир.

Во пеколот во СРЦ „Кале“ падна Турција. Овде паѓале и поголеми репрезентации, но мора да се признае дека на Турчинките не им недостигаше квалитет, туку пресуди големата желба на нашите девојки и македонското срце.

„Македонија е повторно на Европското првенство во ракомет. Девојките го заслужија тоа, одиграа храбро, со срце, па иако имаше и грешки, сепак, најважно е што ја исполнивме целта. Морам да ѝ се заблагодарам и на публиката која беше фантастична, ги бодреше во сите 60 минути, а и кога резултатот беше негативен успеа да ги врати во игра“, изјави селекторот Гино Стрезовски по триумфот од 26:24 над Турција.

Прочитајте и:  „Вкусот на Турција“ во Скопје

Ракометарките повторно заиграа македонско оро на теренот, а голманката Тања Андрејева се надева дека оваа селекција ќе има што да каже и на ЕП во Холандија. „Беше тешко. Имавме голем притисок на себе, не смеевме да загубиме, а сакавме со триумф да ја завршиме приказната. Турција е квалитетна селекција, но благодарение на големата желба и на огромната поддршка од навивачите, успеавме да славиме. Македонија ќе има што да каже и на Европското првенство во Холандија“, изјави Андрејева.

Објавено во соработка со Екипа.

- Реклама -