Обновената Аlfa Romeo Giulietta пред македонската јавност

На пригодна свеченост во рамките на продажниот салон на Аутомобиле СК, македонскиот импортер за италијанскиот производител Alfa Romeo, беше промовирана обновената верзија на Giulietta. Моделот кој во полн сјај со својата редизајнирана изведба блесна на салонот во Франкфурт, еве го и во понуда на овие простори. Со оглед на фактот што во последно време не гледаме премногу новитети од компанијата со „спортско срце“ ова е вистински празник за фановите на компанијата, за кои важи епитетот дека се меѓу најверните во светот. Ова важи и за кај нас, па претставувањето на дотераната верзија на Giulietta е навистина голем настан!


Разликите во однос на првичната верзија на актуелната генерација се минимални. Во надворешноста новата Giulietta има нов изглед на решетката напред и редизајнирани хромирани рамки на магленките. Тука се и страничните ретровизори со нов дизајн, новите тркала, како и новата палета на бои, кои исто така ќе го издвојуваат новитетот. Giulietta е првиот автомобил од групацијата Fiat Chrysler во кој е применета иновативната компактна архитектура, истовремено лесна и издржлива, овозможува да се постигнат супериорни динамични перформанси и извонредно ниво на комфорт.

Внатре сепак работите стојат поинаку. Напредните технолошки решенија како Dual Pinion активниот управувачот, Q2 електронскит диференцијал и TCT менувачот овозможуваат несекојдневно задоволство во возењето. Внатрешноста е целосно променета со нови комбинации на бои и материјали, пријатни на допир и на изглед: нови панели на вратите и рачки, нови додатоци на централната конзола и на командната табла. Дизајниран за да го надополни уживањето е иновативниот мултимедијален уред Uconnect, кој е достапен со 5″ или 6.5” екран на допир. И двете верзии се опремени со Bluetooth, Aux-in, USB и гласовни контроли. Со Uconnect Nav со 6.5” touch-screen, купувачот на Alfa Romeo Giulietta има на располагање сателитска навигација во 3D „птичја“ перспектива, напредно насочување и функција ‘One Step Voice entry Destination’ со гласовни команди.

Во агрегатската понуда единствена новина е 2.0 JTDM моторот со 150 КЅ, кој за првпат се појавува во новата Giulietta. Опремен е со системот за вбризгување MultiJet од втора генерација. Вака опремена, новата Alfa Romeo Giulietta гарантира: максимална брзина од 210 km/h, забрзување од 0 до 100 km/h за 8,8 секунди, 4,2 l/100 km потрошувачка на гориво и емисија од 110 g/km на CO2 (комбиниран циклус).

Уживањето во возењето и комфорот се прилагодуваат на потребите на најпребирливите клиенти и тоа благодарение на Alfa DNA селектор со три set-up функции (Dynamic, Normal и All Weather), уред кој го прилагодува однесувањето на возилото во зависност од условите на патот и од стиловите на возење.

Понудени се две нивоа на опременост: Progression и Distinctive. Alfa Romeo за лансирањето овозможи понуда специјално прилагодена на барањата на македонските алфисти: верзијата Progression со дизел мотор 1.6 JTDM 105 КС е достапна по специјална цена од 18.490 евра.

На манифестацијата беше промовиран третиот број на специјализираното списание „Спорт бокс“, чиј спонзор е Alfa Romeo Giulietta. Овој пат пакетот нуди водич за Formula 1 и Moto GP шампионатот за сезоната 2014, но и ДВД видео од еден од најдобрите спортски филмови во историјата „Трка на животот“, кој опишува една од најинтересните сезони во Формула 1 шампионатот, со епската битка на легендарните Ники Лауда и Џемјс Хант. Дел од пакетот е и книгата „Плејбојот и стаорецот“ на Рој Калеј, која исто така во детали ја опишува битката за титулата во 1976 година.

- Реклама -