Мошне актуелно е дебито на електричниот Volkswagen e-Golf, кое беше посебно пропратено во Женева. Но, малкумина знаат дека приказната почнува во далечната 1976 година, кога Германците го претставија првиот Golf на струја, кој располага со 20 КЅ и многу тешки оловни батерии, монтирани во подот на багажникот.
Дури и тогаш автомобилот можел да помине околу 50 километри со едно полнење и тоа при константна брзина од 80 km/h. Автомобилот бил користен за истражување во текот на цела една декада. Инженерите му ставале различни типови батерии и електрични мотори, за да дознаат која е вистинската формула. Во моментов машината се наоѓа во музејот на Volkswagen во Волфсбург со 20.472 поминати километри.
Првиот официјален електромобил на компанијата се појавува во 1989 година. Неговото име Golf CityStormer и е базиран на втората генерација на Golf. Моќноста кај него достигнува 25 КЅ, а забрзувањето од 0 до 50 km/h e за 13 секунди при максимална брзина од околу 100 km/h. Автомобилот користи 16 батерии со олово и гел, инсталирани повторно под багажникот, кои работат под напон од 96 волти и имаат капацитет од 120 Ампер часови. За да постигнат максимална километража од 50 километри, инженерите решаваат да конструираат систем за греење, кој работи на дизел. Полнењето на батериите било можно со користење на кабел и стандарден штекер. Биле произведени 120 примероци, по што проектот бил затворен. Горе-долу во исто време Volkswagen прави и електрична Jetta, која била побрза и може да измине 120 километри со едно полнење. Тоа било можно со користење на батерии од јод и сулфур.
Програмата продолжи и во 1993 година со третата генерација на Golf. Во проектот се најдоа и Siemens, со кои Volkswagen направиле 120 електрични возила до 1996 година. Возилата биле пласирани на компании во Германија. Главната иновација било регенерирање на енергијата од сопирачките. Volkswagen повторно се вратиле кон оловните батерии, кои имале капацитет од 180 Ампер часови и работеле на 96 волти. Моторот на електричната „тројка“ произведуваше 23 КЅ и можел да забрза до максимална брзина од 100 km/h. Трансмисијата била преку 4-брзински мануелен менувач. При брзина од 50 km/h возилото можело да помине 88 километри со едно полнење, а батериите се полнеле со енергија до 80% само за еден час и половина од стандарден штекер.
Прогресот очигледно е голем, бидејќи новиот e-Golf располага со моќност од 115 КЅ и 270 Nm. Забрзувањето до 100 km/h доаѓа за 10,4 секунди, а максималната брзина е 140 km/h, а полнењето до 80% трае само половина час.