„Лажните“ кабли не се новост. Но, со секој новитет во технологијата, се зголемува бројот на модели и варијанти, кои и не работат баш онака како што изгледа и како што би можеле да претпоставите. Се чини, ова им одговара и на компаниите што ги продаваат, кои не се премногу загрижени дали сте доволно информирани за спецификациите и намената на продуктите. Да се разбереме, не значи дека овие кабли постојат само за да ве залажат, но имањето на аналоген конектор на едниот и дигитален конектор на другиот крај, не значи дека кабелот е способен да го конвертира сигналот.
Бидете внимателни кога ќе ги купувате следниве:
HDMI to VGA кабли. Овие кабли, самите по себе, нема да завршат многу работа. Конвертирањето на сигналот од аналоген во дигитален (и обратно) може да се случи само преку друга направа сместена помеѓу двата конектора. Кабелот нема таква способност, со исклучок на оние кои имаат вградени конвертори. Обично, таквите доаѓаат со „посолени“ цени. Внимавајте и бидете сигурни дека го купувате она што навистина ви е потребно.
Лажни Dual-Link DVI кабли. Како технологија несомнено постои, но постојат и каблите што имаат dual-link конектори, а всушност не го поддржуваат стандардот. Вистинските dual-link кабли се подебели и, како и погорните, со повисоки цени.
SATA II и SATA III (6GB/s) кабли. Единствената значајна разлика е во безбедносниот клип што доаѓа ги осигурува каблите, но покрај тоа, важно е само дали вашиот хард диск и матичната плоча се SATA III компатибилни. Дури и тогаш, можете да користите стар SATA II кабел за да ги поврзете, а сепак ќе добиете SATA III брзини. Се друго е само дел од брендирањето.
Дечките од Gamers Nexus направија видео во кое укажуваат на погоренаведеното, иако малку претеруваат со „никогаш не треба да ги купите овие нешта“. Освен лажните Dual-Link кабли, се друго има своја намена, се додека сте сигурни за што се и за што не се способни.