Синото, темно црвено или виолетово овошје и зеленчук не само што изгледа убаво, туку и нуди големи здраствени придобивки.
Најважните добродетели во оваа храна се антиоксидансите, “чистачи“ на слободните радикали во нашиот организам. Според податоците на американското Министерство за земјоделство, компирот со потемна боја има четири пати повеќе антиоксиданси од останатите компири. Со други зборови, што потемно е овошјето и зеленчукот толку повеќе има антиоксиданси.
Сливите, зелката, модриот патлиџан, капини, црни рибизли, виолетов кромид, грозјето- сите овошја и зеленчуци со пурпурен пигмент содржат флавоноиди, кои го контролираат крвниот притисок и го зајакнува имунолошкиот систем. Лушпата од црвеното грозје, на пример, го има пигментот антоцијан, кој го зајакнува имунитетот, има корисен ефект врз кардиоваскуларниот систем и го спречува растот на некои видови на туморски клетки. Во брусницата, виолетовиот пигмент благотворно влијае на оние кои страдаат од инфекција на уринарниот тракт.
Постојат научни докази дека храната со потемна боја го подобрува здравјето на срцето, видот и работата на мозокот. Неодамнешни истражувања покажаа дека возрасните кои јадат темно сино и виолетово овошје и зеленчук имаат намален ризик од висок крвен притисок и на лошиот холестерол, а исто така, имаат помала веројатност да се здебелат.
Значи, за да добиете поголема корист од темнобојното овошје и зеленчук, вклучете го повеќе во секојдневната исхрана. И не јадете само модар патлиџан и боровинки. Постои и пурпурен аспарагус, смокви, компири- се вреди да се проба!