
Немирите следеа по протестите на младите луѓе кои бараа подобри услови во училиштата, ублажување на последиците од зголемените трошоци за живот и поголема социјална правда.
Протести вчера се одржаа во 34 германски градови.
Поголемиот дел од протестите поминаа без инциденти. Меѓутоа, во Франкфурт демонстрантите кршеа излози, крадеа стока од продавниците и напаѓаа полицајци. Полицијата уапси повеќе од 30 лица и блокираше дел од центарот на градот.
Портпаролот на полицијата утрово изјави дека е потребно да се обезбедат продавниците што беа ограбени за време на немирите.
Сè уште не е познато колку луѓе беа повредени во немирите, додаде тој.
Премиерот на сојузната покраина Хесен, Борис Рајн, изјави дека е шокиран од „насилните испади во Франкфурт“, кои „нема да поминат без последици“.
„Секој што се однесува како напаѓачите во центарот на Франкфурт е исклучен од нашето општество. Внимателно ќе ги анализираме напаѓачите, групите сторители и текот на настаните и ќе извлечеме соодветни заклучоци“, рече Рајн.
Во центарот на Франкфурт синоќа демонстрантите кршеа излози и ограбуваа продавници, при што насилството продолжи откако полицијата ги растера учесниците во демонстрациите.
Новинари на ДПА забележаа како неколку лица влегуваат во продавници и крадат патики и друга стока. Нападната била и специјализирана продавница за оружје.
Полицијата во германскиот финансиски центар потврди дека биле искршени излози на неколку деловни објекти.
„Врз припадниците на итните служби се фрлаат и молотови коктели“, соопшти полицијата, мислејќи на импровизирани запаливи направи направени од шишиња полни со запалива течност.
Од полицијата наведоа дека насилни групи останале активни во центарот на градот дури и откако демонстрациите биле растерани, по серијата напади врз полициските службеници.



