Романија нуди да ги финансира американските војници на своја територија за да ги задржи

Според порталот Дифенс Романија, Букурешт подготвил доверлив предлог за финансирање дел од трошоците за американското воено присуство во земјата.

8
Романија нуди да ги финансира американските војници на своја територија за да ги задржи
Фото: МКД.мк

„Доверливиот предлог на Романија, кој го потврдија дипломатски извори, опфаќа покривање на трошоците за сместување, логистичка поддршка и функционирање на локалните воени објекти што ги користат американските сили“, наведува порталот.

Романските власти истовремено планираат да ги зголемат издвојувањата за одбраната, вклучително и инвестиција од четири милијарди евра за проширување на воената база Михаил Когалничану.

Реклама

Овие планови доаѓаат во време кога романската влада се соочува со економски предизвици и потреба од намалување на јавната потрошувачка за да го ублажи буџетскиот дефицит.

Во Романија моментално се распоредени повеќе од 5.500 војници од земјите членки на НАТО, од кои приближно 1.500 се припадници на американските вооружени сили.

Најголем дел од американските војници се стационирани во воздухопловната база Михаил Когалничану и во воената база Девеселу, каде што се наоѓа дел од противракетниот одбранбен систем на НАТО.

Во Девеселу во мај 2016 година почна да функционира копнениот противракетен систем Еџис ашор.

Системот користи технологија за лансирање проектили што е предмет на безбедносни спорови меѓу Русија и НАТО, особено поради можноста лансерите да се користат и за офанзивни крстосувачки ракети. НАТО тврди дека постројката е наменета исклучиво за одбранбени задачи.

Советникот на романскиот претседател Мариус Лазурка кон крајот на октомври изјави дека Букурешт се залага за зголемување на американското воено присуство во земјата.