Рафа Бенитез е задоволен од начинот на кои одговориле неговите избраници по раното водство на Марсеј, стратегот сега се фокусира на дербито со Јуве.
’Наполитанците’ беа големи фаворити на вчерашниот дуел, но Марсеј пружи силен отпор и ги намачи домаќините.
Ајев ги донесе во водство гостите во 10. минута, но Наполи експресно се врати во игра, и преку Инлер и Игуаин стигна до предност од 2-1.
Товин изедначи на 2-2 во 64. минута, но Игуаин се погрижи трите бода да останат на Сан Паоло со погодокот во 75. минута.
„Не е лесно да играте по примен гол, но мојот тим одговори позитивно. Средбата заврши 3-2 и можевме да постигнеме уште еден погодок” – рече Рафа Бенитез.
„Многу сум задоволен од однесувањето на моите играчи”.
„Морате да бидете задоволни по ваков натпревар. Секако дека можевме да одиграме подобро, но реакцијата по гол на Марсеј беше импресивна”.
„Имаме три победи од четири натпревари во Лигата на Шампионите до овој момент. Освоивме девет бода и тоа е голем успех за проектот на клубот”.
Со бод на гостувањето кај Дортмунд во следното коло, Наполи ќе обезбеди пласман во нок-аут фазата, но пораз на Сигнал Идуна Парк може да значи крај на авантурата дури и со евентуална победа над Арсенал.
„Јасно е дека ќе се пласираме во следната фаза доколку не загубиме против Борусија Дортмунд, но свесни сме дека се работи за многу силен противник”.
„Ќе одиме на победа и покрај тоа што ни е доволен само бод”.
„Исто така постои можност да испаднеме со 12 бодови, додека пак 9 бода се доволни за пласман во другите групи, но уште на почетокот знаевме дека оваа група е многу изедначена”.
Пред Наполи сега е дерби пресметката со Јувентус во Серија А.
„Сега се фокусираме на средбата со Јуве. Играчите ќе добијат слободен ден со семејствата, потребен им е за да се опорават физички и психички”.
„Сеуште имаме проблеми во одбраната, ќе треба да поработиме повеќе на тој аспект”.
„Го немаме потребниот баланс, но се подобруваме”.
Текстот е објавен во соработка со 24fudbal.mk