ИСОС организираше акција за пошумување, засадени над 4.000 дрвца

Голем број волонтери, членови на Институтот на сметководители и овластени сметководители (ИСОС), засадија над 4.000 дрвца во близина на акумулацијата „Мавровица“ во Светиниколско. Акцијата е дел од проектот „Зелена трансформација преку пошумување, зелени работни места и младинска инклузија“.

0
ИСОС организираше акција за пошумување, засадени над 4.000 дрвца (Vladimir Sekulovski)
Фото: Vladimir Sekulovski

Пред почетокот на садењето, учесниците добија практични насоки од вработени во ЈП „Национални шуми“ за правилно засадување на садниците и за безбедност при работа. Распределени во групи и со стручна поддршка, тие се вклучија во пошумувањето на претходно опожарениот предел.

Акцијата се реализираше во соработка со Сојузот на извидници на Македонија – „Боренка“ и Македонската развојна фондација за претпријатија, а во садењето се приклучија и дваесетина студенти од Економскиот факултет при Универзитетот „Гоце Делчев“ од Штип.

Реклама

„Како сметководители, но и како главни имплементатори на ESG стандардите, секојдневно ја нагласуваме важноста на одговорното управување со ресурсите. Таа одговорност ја имаме и кон природата. Со оваа акција сакаме да придонесеме за обновување на зелените површини и подигнување на свеста за важноста на заштитата на животната средина и одржливоста, а истовремено и да ги поттикнеме колегите да размислуваат за своите секојдневни навики, за намалувањето на потрошувачката на хартија и за примената на одржливи практики во својата работа. Благодарна сум на сите членови на Институтот и партнерите што се вклучија во пошумувањето“, изјави Весна Прентоска, претседателка на ИСОС.

Проектот на ИСОС има поширока цел за пошумување на деградирани и опожарени површини, развој на зелени вештини и активно вклучување на младите во заштитата на животната средина. Ќе се реализира до февруари 2027 година, а предвидува и обука за сметководители за еколошките, социјалните и управувачките аспекти на работењето (ESG), како и обука за студенти по сметководство за зелени вештини, циркуларна економија и можности за зелени работни места.

Проектот „Зелена младина, зелен раст“, преку кој е обезбедена поддршката за акцијата, е финансиран од Европската Унија, а го спроведуваат Македонската развојна фондација за претпријатија, Junior Achievement („Џуниор Ачивмент“) и Центарот за едукација и претприемништво „Можности“.