Балотели го напушта Купот на Конфедерации

Балотели ќе го напушти Бразил и ќе се врати во Милано откако поради повреда неговиот настап на Купот на Конфедерациите заврши.

Првичните прогнози велеа дека Балотели ќе го пропушти полуфиналето против Шпанија, но би можел да биде подготвен за последниот натпревар од Купот на Конфедерациите, финалето или дуелот за третото место.

Но, синоќешните тестови покажаа дека повредата на бутниот мускул е посериозна и за Балотели натпреварувањето е завршено.

Тој нема да остане во Бразил со своите соиграчи, туку веднаш ќе се врати во Милано каде што ќе започне со рехабилитацијата.

„Балотели беше многу разочаран, но нема време да се опорави” – вели селекторот Чезаре Прандели.

„Во секој случај, немаше притисок од Милан на мене или на Федерацијата веднаш да го вратиме во Италија”.

„Без Марио ќе се обидеме повеќе да се насочиме на колективната работа”.

Алберто Џилардино може да биде замената за Балотели во стартниот тим, во спротивно Прандели ќе треба да го промени системот на игра.

„Марио Балотели нема да може да се опорави навреме за последните натпревари од Купот на Конфедерациите” – изјави докторот на репрезентацијата Енрико Кастелаци.

„Сега медицинскиот тим на Милан ќе се погрижи за него”.

Текстот е објавен во соработка со 24Фудбал

- Реклама -