Велковски: Укината им е социјалната помош на 1 134 лица оти имале возило и за 18 месеци ја оштетиле државата за над 2,5 милиони евра

Граѓаните, вели Велковски, имаат право на редовен правен лек до второстепените органи, па дури потоа Центрите за социјална работа ќе склучат спогодби за враќање на неосновано примените парични средства

Министерот за труд и социјална политика во техничката влада Ѓоко Велковски на денешната прес-конференција / ФОТО: МТСП

Министерот за труд и социјална политика во техничката влада Ѓоко Велковски денеска излезе со податоци дека во периодот од јуни 2022 до минатиот месец биле исплатени незаконски парични средства на над 1 000 граѓани во име на социјална помош. Со ова, како што рече велковски, оштетен е буџетот на Министерството за труд и социјална политика (МТСП) за 155 038 530 или за над 2,5 милиони евра.

Велковски вели дека во моментов изготвени и донесени се 1 134 решенија за прекин на гарантирана минимална помош и социјална сигурност со забрана за користење на правото во наредните 12 месеци.

Граѓаните, рече тој, имаат право на редовен правен лек до второстепените органи, па дури потоа Центрите за социјална работа ќе склучат спогодби за враќање на неосновано примените парични средства.

„Ја искористиле ковид кризата кога се олесниле условите за користење на социјалните права од аспект на поседување регистрирано моторно возило и во системот влегле сите возила постари од пет години. Иако, официјално ковид кризата завршила на 30.06.2022 година, ништо не се преземало за преиспитување на предметите на корисниците што поседуваат регистрирано моторно возило и истите останале во системот на социјалната заштита и неосновано ги користеле правата“,

рече на денешната прес-конференција министерот за труд и социјална политика Ѓоко Велковски.

Според него, јасен е Законот за социјална заштита од 2019 година и подзаконските акти каде јасно и прецизно е определено дека доколку подносителот иликорисникот поседува регистрирано моторно возило не може да го оствари и користи правото на гарантирана минимална помош, па оттука, рече Велковски, се поставува прашањето што работеле раководните структури на министерството во овие 18 месеци.

„На 20 јануари 2024 година е склучен договорот за размена на податоци на дата базите по електронски пат помеѓу тогашните министри Тренчевска и Спасовски. Првата размена на податоци е направена дури на 5 март 2024 година што го поставува прашањето: Зошто се чекало? А што правела министерката до 20 јануари 2024 година? Дали се обезбедувале податоци секој месец како што предвидува законот или пак размената на податоци преку цеде или уесбе е доставувано во нереално време односно со задоцнување од неколку месеци со што се овозможило во системот да влезат лица на кој не им следуваат овие права. Се уште останува енигма и прашањето, зошто се чекало моето назначување како технички министер за да почне размената на податоците кога истата можела да се направи и веќе наредниот ден, а тоа е 10 дена пред моето назначување за министер“,

рече министерот Велковски.

Во март годинава, Велковски соопшти дека се познати 2 252 исплаќања на сметките на корисници на социјална помош кои по сила на закон не треба да ја примаат. Тој рече и дека е забележана и ретроактивна исплата на средства за повеќе месеци наназад, што отворило сомнеж во институциите под надлежност на Министерството за труд и социјална политика (МТСП). 

Според него, манипулацијата е системска и, како што рече, во неа веројатно биле вклучени повеќе лица, за што е започнат и вонреден инспекциски надзор, со цел да се откријат сторителите зад овој милионски криминал во МТСП.

- Реклама -