Герапетритис: Нашето главно барање е верно и доследно почитување на Договорот од Преспа

„Во овој момент и меѓународното право и Уставот налагаат Северна Македонија целосно да го почитува Договорот од Преспа“, вели шефот на грчката дипломатија

Верно и доследно почитување и спроведување на Договорот од Преспа од страна на Северна Македонија е нашето главно барање, а тоа претставува и предуслов за каква било разврска за европскиот пат на земјата. Затоа ќе бидеме строги во однос на на ова почитување.

Ова денеска го порачал шефот на грчката дипломатија Јоргос Герапетритис во интервју за грчката телевизија Мега, посочувајќи и дека се незадоволни од она што се случило на инаугурацијата на новата претседателката државата Гордана Сиљановска-Давкова, која давајќи свечена изјава во Собранието, не го употреби уставното име на земјава – Република Северна Македонија, туку користеше Македонија.

Фото: EPA-EFE/KHALED ELFIQI

Според него, постои структуриран план кој поаѓа од фактот, како што вели дека грчата Влада ја поддржува европската перспектива на сите држави од Западен Балкан.

„Грција беше земјата која ги започна процедурите за интеграција на С Македонија во европското семејство. Врз основа на ова, денес сме исклучително незадоволни од разврската“,

рече Герапетритис.

Сепак, како што вели од Атина имало брзи рефлекси за оваа состојба, како и од Европа, САД и другите земји.

„Во овој момент и меѓународното право и Уставот налагаат Северна Македонија целосно да го почитува Договорот од Преспа“,

вели тој.

За ратификацијата на меморандумите во парламентот, според него, ќе се случи кога, како што вели, Грција ќе оцени дека има целосно почитување на Договорот од Преспа.

„За мене неразбирлив е ставот на опозицијата, несфатлив бидејќи во овој конкретен момент ќе достават предлог закон за ратификација на меморандумите, кога е очигледно дека од другата страна нема расположение за усогласување,

вели грчкиот министер за надворешни работи.

Шефот на грчката дипломатија вчера во интервју за грчката телевизија ЕРТ вели: „Сите сфаќаме дека новото раководство на Северна Македонија може идеолошки да има поразлично мислење, но постојат прашања што се над нивната волја.“

Опозициската СИРИЗА денеска во форма на предлог закони во Парламентот ги достави меморандумите за соработка.

По многубројните меѓународни реакции, вчера се огласија од кабинетот на Силјновска-Давкова, од каде што рекоа дека претседателката ќе се придржува до официјалната примена на уставното име, но дека има право да користи Македонија во јавни настапи како чин на лично право на самоопределување и самоидентификација почитувајќи ги основните човекови права и слободи и согласно европските вредности и начела.

На ова Герапетритис рече дека не се работи за прашање на самоопределување на функционерите, политичарите, туку како што посочи се работи за почитување на договореното.

- Реклама -