Устамитова: Од март минималната плата се покачува на 22.500 денари, со СДСМ секој работник добива повеќе

„Во новата година продолжува растот на платите и пензиите, со СДСМ секој работник добива повеќе“, порача денеска Елена Устамитова, претседателка на Комисијата за труд и социјална политика на СДСМ, најавувајќи дека од март следува ново покачување на минималната плата – на 22.500 денари.

СДСМ за 6 години ја зголеми минималната плата 4 пати, а оваа 2024 година следува и ново зголемување“, подвлече Устамитова, посочувајќи дека во времето на ВМРО-ДПМНЕ минималната плата била 9.000 денари, а во некои сектори, како кожарската и текстилната индустрија, работниците земале и помала плата.

„СДСМ ја исправи неправдата – работникот да добие достоинствена плата за работата што ја извршува. За само неколку години СДСМ ја зголеми минималната плата за повеќе од двојно, за над 100% во споредба со времето на ДПМНЕ. Тоа е повеќе за сите“, истакна Устамитова.

Таа порача дека СДСМ го почитува и го вреднува трудот на работниците и дека затоа донеле системско решение со кое обезбедивле континуирано зголемување на минималната, но и на останатите плати.

„Во сите сектори СДСМ ги има покачено платите. Со праведни и успешни економски политики СДСМ успеа просечната плата да ја покачи на 39.000 денари, нешто што беше незамисливо со ДПМНЕ кога изнесуваше едвај 22 илјади денари. Просечната плата е за 300 евра поголема денеска во однос на она што беше во 2016 година. Воведовме законски решенија, коишто во себе содржат методологија за пораст врз основа на зголемувањето на трошоците за живот и зголемувањето на просечната плата. Платите и пензиите ќе продолжат да растат со СДСМ. Со СДСМ има повеќе за сите“, истакна Устамитова.

- Реклама -