ВМРО-ДПМНЕ: Ако Спасовски уште на 24-ти распишел централна објава по возилото, тоа ќе било пронајдено, а убијците на Панче фатени

„Оливер Спасовски наместо да се оградува од постапката за убиствата на Панче и Вања, треба да одговори зошто МВР не презела акција за пронаоѓање на возилото на Панче, истиот ден кога добиле пријава дека е исчезнато“, реагираат од ВМРО-ДПМНЕ по гостувањето на министерот за внатрешни работи во „Само интервју“ на Канал 5.

„Спасовски не кажа зошто МВР три дена не реагирало и дозволило возилото на убиениот Панче со кое е киднапирана Вања да се движи низ Скопје.

Спасовски треба да се соочи со фактот дека МВР можело да го пронајде возилото на убиениот Панче уште на 24-ти ноември, кога за прв пат истото влегло во Скопје, а е регистрирано од системот ‘Безбеден град’.

Доколку Спасовски уште на 24-ти распишел централна објава по возилото тоа ќе било пронајдено и исклучено од сообраќај, убијците на Панче фатени, а до убиството на Вања воопшто немало да дојде“, тврдат од ВМРО-ДПМНЕ и порачуваат дека Спасовски наместо, како што велат, да шири демагогија, треба да понесе одговорност.

- Реклама -