Од утре во Амстердам ќе се вози со максимална дозволена брзина од 30 км/ч

Во петок, 8 декември, ограничувањето на брзината на повеќето патишта во Амстердам ќе биде спуштено на максимални 30 километри на час.

Надлежните служби изминативе денови го подготвуваа градот за оваа промена приспособувајќи ги ознаките на патиштата и поставија речиси 4.400 нови табли.

Од 8 декември 80 отсто од патиштата во Амстердам ќе имаат ограничување на брзината од 30 км/ч. Максималната брзина ќе биде јасно означена на секоја улица со сообраќајни знаци.

Минатиот понеделник почнаа да се поставуваат првите знаци на сообраќајниците каде ќе се вози до 30 км/ч, на кои во моментов можете да возите со брзина до 50 km/h. Во моментов на знаците стои привремена налепница со порака „30km/h овде од 8 декември“.

Надлежните велат дека се свесни дека на возачите ќе им треба време да се навикнат на новите ограничувања, но потенцираат дека побавното возење ќе обезбеди побезбедно и порелаксирано движење за сите.

„Како возач, ќе имате подобар преглед и ќе можете побрзо да реагирате на неочекувани ситуации. При 30 км/ч, растојанието за сопирање е 13 метри, помалку од половина од тоа при 50 км/ч (27 метри). Со максимална брзина од 30 км/ч очекуваме 20 до 30 отсто помалку тешки сообраќајни незгоди. Веројатноста пешак да преживее несреќа во која автомобил се движел со брзина од 30 км/ч е 95 отсто. Исто така сметаме дека бучавата од сообраќајот ќе се преполови. Градот ќе биде потивок и попријатен за живеење“, велат властите.

Во наредните недели ќе бидат поставени дополнителни знаци на патиштата каде што ограничувањето на брзината ќе остане на 50 km/h за да биде појасно кое ограничување каде важи.

- Реклама -