ЕК започна истрага за субвенционираните кинески електрични возила и дали го нарушуваат пазарот на ЕУ

Европската комисија денеска официјално започна истрага за субвенционирањето на производството на електрични возила од страна Кина, јави дописникот на МИА од Брисел.

Истрагата има за цел утврди дали компаниите за производство на електрични возила во Кина имаат корист од ова субвенционирање и дали тоа им нанесува економски штети на производителите на ЕУ.

Доколку и двата сомнежи се покажат точни, истрагата ќе ги испита веројатните последици и влијанието на мерките врз увозниците, корисниците и потрошувачите на електрични возила во ЕУ и врз основа на наодите, ЕК ќе утврди дали е во интерес на Унијата „да се отстранат ефектите од нефер трговските практики, утврдени со воведувањето антисубвенциони давачки за увоз на електрични возила од Кина“.

Покренувањето на истрагата го најави претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, на 13 септември, во обраќањето за „Состојбата на Унијата“ пред Европскиот парламент.

По повод стартот на истрагата, Фон дер Лајен денеска изјави дека ЕК ќе дејствуваме решително секаде каде што ќе утврди докази дека субвенциите го нарушуваат на пазарот и создаваат нелојална конкуренција.

„Секторот на електрични возила има огромен потенцијал за идната конкурентност на Европа и зеленото индустриско лидерство. Производителите на автомобили во ЕУ и сродните сектори веќе инвестираат и развиваат иновации за целосно да го развијат овој потенцијал“, истакна претседателката на Еврокомисијата.

Според неа, истрагата ќе се спроведе целосно со почитување на европските и меѓународните обврски, затоа што ЕУ игра според правилата и во нејзините граници и на глобално ниво.

„Оваа истрага против субвенционирањето ќе биде темелна, правична и заснована на факти“, додаде Фон дер Лајен.

Извршниот потпретседател на ЕК и еврокомесар за трговија Валдис Домбровскис, пак, истакна дека ЕУ секогаш ја поздравува глобалната конкуренција, бидејќи тоа значи поголем избор за потрошувачите и повеќе иновации, но таа мора да биде фер.

„Увозот мора да се натпреварува под исти услови, како и нашата индустрија. Праведноста е исто така клучот за оваа истрага: ќе ги консултираме сите релевантни страни и строго ќе се придржуваме до домашните и меѓународните правила. Се надеваме на целосна соработка од сите релевантни страни“, изјави Домбровскис, додавајќи дека возилата со електрични батерии се клучни за зелената транзиција на ЕУ и за исполнување на нејзините обврски за намалување на емисиите на јаглерод диоксид.

Според најавите од ЕК, истрагата ќе се води согласно строгите правни процедури на ЕУ и Светската трговска организација, при што на сите засегнати страни, вклучително и на кинеската Влада и компании, ќе им биде дозволено да ги изнесат своите коментари, докази и аргументи. Истрагата треба да заврши во рок од најмногу 13 месеци.

МИА

- Реклама -