Македонската амбасадорка повикана во бугарското МНР: „Неприфатливо е да се составуваат списоци за забрана за државјани на ЕУ-членка“

Новиот шеф на бугарската дипломатија – Иван Кондов, денеска ја повикал македонската амбасадорка во Бугарија – Агнеза Поповска, на средба во бугарското МНР, за да изрази „загриженост и несогласување со постапувањето на граничните власти на Република Северна Македонија на граничниот премин Ново Село, кои на 6 мај не им дозволиле влез на бугарскиот евтопратеник Андреј Ковачев, на претседателот на Фондацијата ‘Бугарска меморија’ – Милен Врабевски, како и на уште тројца бугарски државјани“, соопшти бугарското МНР.

За Софија, таквата мерка е „неоснована и некомпатибилна со европските принципи и норми кои“ Македонија се обврзала да ги почитува, порачал Кондов.

„Од бугарска страна беше констатирано дека е неприфатливо да се составуваат списоци за забрана за државјани на земја-членка на ЕУ. МНР очекува да биде информирано за критериумите според кои бугарските граѓани и европските парламентарци се вклучени во таквите списоци. Министерот Кондов истакна дека слични постапки на официјални институции во Северна Македонија, кои не се случуваат прв пат, имаат негативно влијание кај бугарската јавност и предизвикуваат неоспорна штета на градењето на добрососедските односи меѓу двете земји“, стои во соопштението на бугарското МНР.

Македонското МНР, пак, претходно денеска одговори дека на европратеникот Андреј Ковачев не му бил дозволен влез во земјава не затоа што тој е закана за јавниот ред и мир и безбедноста, туку затоа што закана биле лицата со кои патувал.

- Реклама -