ЕК со осуда за Македонија зашто не му дозволи влез на европратеникот Андреј Ковачев

Еврокомесарот за соседска политика и проширување – Оливер Вархеј, на Твитер ја осуди одлуката на македонските власти да не му дозволат влез на бугарскиот европратеник Андреј Ковачев во земјава.

„Го осудуваме одбивањето влез на европратеникот Андреј Ковачев во Северна Македонија на 6 мај. Ја повикуваме Владата во Северна Македонија итно да ја разјасни ситуацијата. Одбивањето да се прими европратеник е многу сериозна одлука“, порача Вархеји.

Претходно, во саботата, МВР потврди дека на граничниот премин Ново Село не им бил дозволен влез на петмина бугарски државјани, меѓу кои и бугарскиот европратеник Андреј Ковачев и претседателот на Фондацијата „Бугарска памет“ – Милен Врабевски, кои, како што објавија медиумите, имале намера да присуствуваат на настан во чест на споменот на загинатите бугарски војници кај Ново Село. Како што соопштија од МВР, влез не им бил дозволен поради неисполнување на условите за влез во Република Македонија, согласно законот за странци“.

„Македонската полиција нема да дозволи, ниту сега ниту во иднина, никој да го нарушува јавниот ред и мир и да ги навредува и омаловажува граѓаните и државата и нема да биде дозволен влез на такви лица на територија на државата“, порачаа од МВР.

Уште истиот ден, одлуката ја осуди европратеникот и известувач во Европскиот парламент за земјава – Илхан Ќучук.

„Недозволиво и неприфатливо е да не се дозволи влез на европратеникот Андреј Ковачев во Република Северна Македонија“, изјави тој за БТА, додавајќи дека Ковачев „отишол таму со добри намери – да го почитува заедничкиот спомен“ и дека „треба да се изрази несогласување со овој став, кој треба да биде доволно силен од страна на бугарската амбасада и од страна на европратениците“.

Осуда денеска стигна и од лидерот на ЕПП – Манфред Вебер.

„Цврсто го осудуваме одбивањето влез на европратеникот Андреј Ковачев на 6 мај во Северна Македонија. Тоа е без преседан и едноставно неприфатливо. Ја повикуваме владата на Северна Македонија итно да ја разјасни ситуацијата и ќе го покренеме ова прашање на пленарната седница попладнево“, порача Вебер на Твитер.

- Реклама -