Иднината на Украина е во НАТО, изјави денеска генералниот секретар на Алијансата – Јенс Столтенберг, за време на неговата прва посета на Киев од почетокот на руската инвазија врз Украина.
„Иднината на Украина е во евроатлантското семејство, иднината на Украина е во НАТО. Во исто време, главната цел на Северноатлантскиот договор и нејзините сојузници е да обезбедат Украина да победи“, рече Столтенберг на заедничката прес-конференција со украинскиот претседател Володимир Зеленски.
Тој вети континуирана воена поддршка за Украина, а потсети и дека до сега сојузниците на НАТО обучиле десетици илјади украински војници и обезбедиле 65 милијарди евра воена помош.
„НАТО е со вас денеска, утре и колку што ќе биде потребно“, рече Столтенберг, а потоа го покани Зеленски на самитот на НАТО што ќе се одржи во Вилнус, главниот град на Литванија, во јули. Таму ќе се разговара за членството во НАТО, а во моментов најважно е да се порази руската агресија, додаде генералниот секретар на алијансата.
Оваа денешна порака веројатно дополнително ќе го разбесни Кремљ, кој спречувањето на влезот на Украина во НАТО го посочува како една од главните цели на „специјалната воена операција“, како што ја нарекува Москва.
Украина уште во септември ја објави својата кандидатура за членство во НАТО, откако Кремљ ги анектираше четирите украински региони.
Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, денеска на прес-конференција повтори дека Русија е против приемот на Украина во НАТО, бидејќи во спротивно, како што рече, „ќе има сериозна, голема закана за безбедноста“ на Русија.
Денешната посета на Столтенберг на Киев се случува ден пред состанокот во германската воздушна база „Рамштајн“, каде претставниците на „Контакт групата за одбрана за Украина“ ќе разговараат за нови испораки на оружје за Украина.
Извор: МИА