Мареј очекува руски и белоруски тенисери на годинешниот Вимблдон

Британецот Енди Мареј изјави денеска дека очекува организаторите на Вимблдон да им дозволат оваа година настап на руските и белоруските тенисери на грен – слем турнирот во Лондон, пренесува Би-Би-Си.

Организаторите на турнирот во Лондон лани им забранија настап на руските и белоруските тенисери поради војната во Украина, а раководствата на АТП и ВТА потоа оваа одлука ја оценија за еднострана и им изрекоа казна на организаторите од 1.4 милиони фунти поради забраната.

„Тоа е навистина тешко и имав разбирање за играчите кои не можеа да настапат минатата година. Но, исто така, имав разбирање и за ситуацијата поради која на организаторите им е тешко да донесат одлука. Колку што сфатив, ќе им биде дозволено да играат и нема да полудам доколку тоа се случи. Но, доколку Вимблдон тргне по друг пат, ќе имам разбирање и за тоа“, рече Мареј.

Вимблдон оваа година е на програмата од 3 до 16 јули.

МИА

- Реклама -