Алтернатива бара „Заедница на албански општини“ во Македонија, како „реципроцитет“ за српската на Косово

„Во времето кога Косово се наоѓа пред финалниот договор за нормализација на односите со Србија и кога секој западен дипломат кој доаѓа во Приштина го повторува рефренот ‘Да се формира Заедницата на српските општини во Косово!’, прашањето што треба да се постави е зошто партиите на Албанците во Северна Македонија, тие кои имаат општини (ДУИ, АА и Беса), не покренуваат иницијатива за основање на Заедницата на албанските општини во Северна Македонија со истите надлежности со кои се бара да ги има Заедницата на српските општини во Косово“, се вели во соопштението на политичката партија Алтернатива, која неодамна излезе од владата и премина во опозиција.

Како аргумент, во соопштението на Алтернатива се спомнува и некаков „реципроцитет“, но без да прецизираат зошто, според нив, во земјава би требало да има реципроцитет за нешто што се случува надвор од неа и за што Македонија нема никаква одлучувачка моќ. Сепак, тоа би било „во европски дух“, саркастични се од партијата.

„Тие што го бараат тоа (заедница на српски општини, н.з.) од Косово се наши западни сојузници, излегува дека таа заедница е во духот на западните вредности. Да направиме и ние во Македонија една таква заедница во тој западен дух. Еве една кауза врз која може да се обединиме сите албански партии, дури и Алтернатива, која нема своја општина. Да ја започнеме уште денеска Заедницата на албанските општини во Македонија. Добар реципроцитет и, воедно, европски, нели. Можеби на тој начин доаѓаме и кај темата на јазичен реципроцитет помеѓу албанскиот јазик во Македонија и српскиот јазик во Косово“, велат од Алтернатива во соопштението.

- Реклама -