Захарова: Ова е потврда дека Западот ја испланирал војната против Русија

Одлуката на Германија да испрати тенкови „Леопард 2“ во Украина е „потврда дека Западот планирал војна против Русија“, изјави денеска портпаролката на руското Министерство за надворешни работи.

Германската влада денеска потврди дека ќе ѝ испорача тенкови „Леопард 2“ на Украина и дека ќе го одобри барањето и другите земји да испратат такви тенкови.

Според соопштението, Берлин на Украина ќе ѝ достави 14 тенкови „Леопард 2А6“ од залихите на германската армија.

„Оваа одлука ја следи нашата линија на поддршка за Украина и ние продолжуваме да дејствуваме во тесна меѓународна соработка“, наведе германскиот канцелар Олаф Шолц во соопштението.

Германските политичари со големо мнозинство ја поздравија одлуката за испорака на тенкови „Леопард“ во Украина, додека критиките доаѓаат од екстремната левица и десница.

„Предолго ја чекавме одлуката, таа беше донесена макотрпно, но на крај таа е неизбежна“, рече претседателката на Комисијата за одбрана на Бундестагот Мари-Агнес Штрак-Цимерман.

Таа додаде дека веста за испорака на тенкови од типот „Леопард“ е „спасувачка вест за храбриот народ на Украина“.

Прочитајте и:  Велика Британија одбива да коментира дали Украина користела „Сторм Шедоу“ проектили против цели во Русија

Потпретседателката на Бундестагот и лидер на владејачката партија Зелени, Катрин Геринг-Екард преку Твитер порача: „Леопардот е слободен“.

Од опозициските партии, само најголемата опозициска претставничка група во Бундестагот, Унијата ЦДУ/ЦСУ, ја поздрави одлуката за испорака на „Леопарди“ во Украина.

Претседателот на Христијанско-демократската унија (ЦДУ) Фридрих Мерц истовремено го критикуваше доцнењето на оваа одлука на канцеларот Шолц.

„Бидејќи толку долго чекаше да се донесе одлуката, канцеларот Шолц остава впечаток на некој кој бил принуден на оваа одлука“, рече Мерц.

Членовите на опозициските партии Левица и Алтернатива за Германија (АфД) ја критикуваа одлуката за испорака како „опасна и неодговорна“.

„Германија се изложува на опасност директно да биде вовлечена во војната“, рече претседателот на пратеничката група на АфД, Тино Чрупала.

На опасноста од ваквата одлука укажа и претседателот на Левица, Дитмар Барч.

Извор: МИА

- Реклама -