„Фајненшл тајмс“ го прогласи Зеленски за личност на годината и „предводник на борбата што може да го дефинира текот на овој век“

Лондонскиот весник „Фајненшл Тајмс“ го прогласи украинскиот претседател Володимир Зеленски за „личност на годината“ за 2022.

„Украинскиот претседател постави стандарди на либералната демократија во најголемата глобална конфронтација против авторитаризмот, што може да го дефинира текот на овој век“, се наведува во оценката на ФТ.

Признанието за 44-годишниот политичар, кого весникот го опишува и како „Черчил во времето на социјалните мрежи“, е поради „неговата извонредна демонстрација на лидерство и издрживост“ – тој е олицетворение на отпорноста и храброста на неговиот народ против руската агресија, образложува „Фајненшл Тајмс“.

Весникот посочува и дека Зеленски спровел „непрестајна и упорна“ кампања за да добие воена и финансиска помош од Западот, трансформирајќи ја борбата на неговиот народ нападнат од Русија – во „морален притисок“ врз лидерите на Европа и САД, убедувајќи ги Европејците да ги понесат огромните трошоци на конфронтацијата со Путин; но и за да овозможи на Киев да му биде понуден пат до членство во ЕУ.

Прочитајте и:  Претседателот на Финска: Доналд Трамп треба да биде сфатен сериозно за планот за завршување на војната во Украина

„Тој е антитеза на рускиот претседател Владимир Путин, кој се крие во Кремљ, чија опсесија за обновување на империјата чинеше десетици, можеби стотици илјади животи“, заклучува „Фајненшл Тајмс“.

Зеленски, пак, во интервју за весникот, сеќавајќи се на почетните денови на инвазијата, вели дека кај него храброста не е тоа што е пресудно:

„Повеќе имам одговорност отколку што сум храбар… Само мразам да ги извисувам и разочарувам луѓето“, изјави тој.

Шефот на неговиот кабинет, пак, Андриј Јермак, потсети дека пред три години на група западни новинари им најавил дека „нашиот претседател ќе биде најславниот и најсилниот лидер на неговото време“. „Нема да речам ‘ви реков?’, но бев во право“, изјави тој за весникот.

Претходно, во мај, американскиот магазин „Тајм“ исто така го одбра Зеленски за „највлијателна личност во 2022 година“, врз основа на анкета меѓу читателите.

- Реклама -