Путин возеше „Мерцедес“ и пропешачи по обновената делница на Кримскиот мост оштетена во нападот во октомври (ВИДЕО)

Рускиот претседател Владимир Путин денеска возеше по Кримскиот мост, кој беше оштетен во „терористичкиот напад“ пред повеќе од два месеци. Путин возеше по десната страна на патната делница на мостот која денеска беше пуштена во сообраќај. Токму на оваа страна во октомври експлодираше камион натоварен со експлозиви.

Интересен детал што падна во очи беше тоа што Путин возеше „Мерцедес“. Подоцна портпаролот на Кремљ – Дмитриј Песков, го објасни изборот на автомобилот со фактот дека таков автомобил се нашол на лице место и дека Путин немал намера да комплицира.

За време на патувањето, Путин го слушаше извештајот и разговараше со сопатникот, вицепремиерот за изградба и регионален развој – Марат Хуснулин, кој ја предводеше владината комисија формирана во врска со вонредната состојба на мостот на Крим.

Како што пренесоа руските медиуми, Путин остварил средба и разгоаварал и со работниците вклучени во обновата на оштетениот дел на мостот, како и со претседателот Евгениј Чибишев – заменик генерален директор на компанијата „Нижнеангарсктрансстрој“ која е изведувач на работите, изразувајќи надеж дека обновата ќе заврши до средината на летната сезона. Во разговорот, Чибишев истакнал дека сообраќајот бил отворен 16 дена пред предвиденото, благодарение на „некласичните технички решенија“. Рускиот претседател, пак, ја поддржал идејата на Хуснулин да ги награди работниците вклучени во обновата со благодарници за нивната добра работа.

Прочитајте и:  Во Балтичко Море оштетен и подводниот телекомуникациски кабел што ги поврзува Шведска со Литванија

Реставрацијата на мостот на Крим ќе продолжи, бидејќи настрада и левата страна од патот, а неговата изведба е сè уште ограничена, рече Хуснулин. За време на патувањето, Путин истакна дека е „во работна состојба“, но „треба да се надгради до совршенство“. Реставраторските работи, според вицепремиерот, ќе завршат на крајот на март 2023 година.

Што се однесува до железничката делница, во увидот не е констатирано оштетување на левата страна, но десната страна сѐ уште е во режим на „ограничен работен капацитет“, истакна Хуснулин, но уверувајќи дека тоа не влијае на пропусната моќ на транспортната рута. Путин нареди да се заврши поправката „некаде на средината на [претстојната летна] сезона“.

Во разговорот со учесниците во обновата, рускиот претседател ја истакнал важноста да се има копнен коридор до Крим. „Неопходно е да се обезбеди сигурна комуникација со Крим по копнен пат“, рекол тој. Како што посочуваат руските медиуми, копнениот коридор минува низ територијата на „новите региони кои станаа дел од Русија по резултатите од септемвриските референдуми“ – Доњецката Народна Република, Запорожје и Керсон.

- Реклама -