Рјабков: Сѐ подлабокото вклучување на Американците во конфликтот носи страшни последици

Русија се обидува да ги натера САД да сфатат дека зголеменото учество на Вашингтон во војната во Украина носи зголемени ризици, изјави денеска заменикот-министер за надворешни работи на Русија, Сергеј Рјабков.

„Испраќаме сигнали до Американците дека нивната линија на ескалација и сѐ подлабоко вклучување во овој конфликт е полно со страшни последици. Ризиците растат“, рече Рјабков.

Тој потенцираше дека нема дијалог меѓу Вашингтон и Москва во врска со војната во Украина, но дека „периодично се разменуваат сигнали“.

„Не водиме никаков дијалог со САД за Украина бидејќи нашите позиции се радикално различни“, подвлече Рјабков.

Од друга страна, Киев и Западот се категорични дека Русија е одговорна за каква било понатамошна ескалација со „неиспровоцираниот напад на Украина на 24 февруари“, со окупацијата на делови од украинската територија и со алудирањето дека ќе ги брани заземените територии со нуклеарно оружје.

Извор: МИА

- Реклама -