Бугарското МНР со осуда за нападот на клубот „Цар Борис Трети“, обвинува за злосторство кон Бугарите и бара построги казни за сторителите

Бугарското Министерство за надворешни работи најостро го осуди „злосторството извршено врз Културниот клуб ‘Борис Трети во Охрид“, порачаа денеска од Софија.

Бугарското МНР потенцира дека ова е втор напад врз здружението за помалку од два месеци и уште едно, како што вели, „злосторство од омраза врз Бугарите во Северна Македонија“.

„Ваквите акции опипливо и намерно ги попречуваат напорите за зајакнување на пријателството, добрососедството и соработката во односите меѓу Бугарија и Северна Македонија“, порачува Софија.

Според бугарското МНР, последниот настан треба да се разгледува во контекст на обидот за палење на клубот „Иван Михајлов“ во Битола, „хероизацијата на неговиот сторител“, потоа повиците за откажување од Договорот за добрососедство со Бугарија, „ескалирачкиот говор на омраза во медиумскиот простор и социјалните мрежи во Северна Македонија“ и „со месеци агресивната јавна кампања против бугарските културни клубови“, но и во контакст на законските измени кои, велат од министерството, „ја загрозуваат слободата на здружување на Бугарите во соседната земја“.

„Имињата на бугарските клубови не се причина за оваа кампања. Значајно е што лидерот на најголемата опозициска партија веќе отворено повикува на итно затворање на сите бугарски клубови, без разлика како се нарекуваат. Очигледно е дека во Северна Македонија сѐ уште постои проблем со слободното изразување на бугарскиот идентитет“, тврди бугарското МНР.

„Убедени сме дека Министерството за надворешни работи на Северна Македонија ќе има навремена и соодветна реакција на она што се случи. Има конструктивен дијалог меѓу нашите две надворешнополитички институции.

Но, очекуваме дека овој дијалог ќе ги вклучи и другите институции во соседната земја со конкретни активности. Неопходно е навремено да преземат мерки за откривање и изведување пред лицето на правдата на сторителите на делото врз Културниот клуб ‘Борис III’. Систематското отсуство на вистинска реакција создава чувство на неказнивост и на тој начин поттикнува умножување на овие манифестации“, се вели во реакцијата.

„Потсетуваме дека во Заедничкиот протокол меѓу Бугарија и Северна Македонија од 17 јули 2022 година, Скопје категорично се обврзува да ги гарантира правата на Бугарите, вклучително со цел ‘да се обезбеди ефективен пристап до еднакви права, заштита од дискриминација и зачувување на културата и идентитетот на бугарската заедница’.

Реакцијата на властите на овој и други случаи на злосторства од омраза ќе биде показател за сериозноста што владата во Скопје ја придава на градењето добрососедски односи и на процесот на пристапување во ЕУ“, се додава во реакцијата.

- Реклама -