Кулеба за Херсон: Се покажа дека што и да рече и направи Русија, Украина ќе победи

Повеќе од 30.000 руски војници, воена опрема и материјал се повлечени од регионот Херсон во јужна Украина, вклучувајќи го и истоимениот регионален главен град, соопшти денеска руското Министерство за одбрана, откако објави дека утрово околу 5 часот било комплетирано повлекувањето.

„Ниту едно парче воена опрема или оружје не остана на десниот (западен) брег (на реката Дњепар)“, информираше Министерството.

Војската на Украина денеска влезе во клучниот јужен град Херсон, соопшти од своја страна украинското Министерство за одбрана, откако социјалните мрежи ги преплавија видеа од пречекот на украинските војници и радоста меѓу локалните жители, кои побрзаа да ги развеат украинските знамиња и да прослават што руските војници веќе не се помеѓу нив.

„Украина ја врати контролата над Херсон, украинските вооружени сили влегоа во градот“, објавија од украинското МО на Фејсбук и ги повикаа руските единици што останале во регионот „веднаш да се предадат“.

Прочитајте и:  Русија предупредува на „катастрофални последици“ по одлуката на Бајден да дозволи напади со ракети длабоко на руска територија

Украинското МНР, пак, денешното повлекување на руската армија на источниот брег на Дњепар го оцени како важна победа.

„ ‘Русија е засекогаш тука’, гласеше постер во Билозерка во близина на Херсон. Е па, не баш!“, напиша шефот на украинската дипломатија – Дмитро Кулеба, на Твитер, споделувајќи видео на кое локални жители го отстрануваат споменатиот билборд.

„Украина во моментов бележи уште една важна победа. Ова е доказ дека што и да каже или направи Русија, Украина ќе победи“, додаде Кулеба.

- Реклама -