Стефановски: Целта на лажните дојави во училиштата можеби е градоначалникот на Град Скопје

Во воените науки, терминот „хибридни закани“ дефинира поширок спектар на мерки, алатки и техники во кои се вклучени дезинформации или, во конкретниов случај, и лажни дојави, сајбер напади, манипулација со меѓународното право, шпионажа, саботажа, политичка субверзија, економски притисок. Хибридните напади користат манипулации со цел да извршат одредено влијание. Целта на хибридните напади е да влијаат врз јавноста или процесите кои се значајни за донесувањето на клучни одлуки, објаснува безбедносниот аналитичар Милан Стефановски за 365.com.mk, коментирајќи ги лажните дојави за поставени бомби во скопските средни училишта.

Во таа насока, додава аналитичарот, главниот фокус на хибридните напади можат да бидат лидери, јавни личности, медиуми итн, при што креаторите на хибридните напади настојуваат да влијаат врз кредибилитетот и интегритетот на личностите или групите значајни за одлучувањето.

Во овој контекст се сместени и последните случувања со дојавите за бомби во училиштата, смета Стефановски.

Според него, тие не се поврзани со Украина и геополитичките процеси, ниту пак се поврзани со евентуални парламентарни избори. Од друга страна, посочува, не е случајно што лажните дојави се случуваат само на територија на Град Скопје и во средните училишта над кои ингеренциите ги има Градот.

„Далеку сме од избори. Можеби можно е да се користи спин за да се дефокусира јавноста од можните уставни измени, но тогаш тоа им одговора на сите политички чинители и тогаш хибридните напади би се случувале и кон други институции и личности“, оценува Стефановски.

Оттаму, логична цел, според аналитичарот, е градоначалничката на Скопје – Данела Арсовска.

„Мојата логика говори дека цел на овие напади е Данела Арсовска бидејќи се охрабри и одважи да расчисти со партизираниот систем, криминалните дејанија и коруптивните зделки кои беа објавени, а задираа директно до луѓето на Мицкоски. Но, претходно имаше расчистување и со тие што не одеа на работа, претежно гласачко тело од албанскиот кампус, но Данела е сѐ погласна и во критика кон властите.

Така што, поверојатно е дека на сите им одговара јавноста да има перцепција дека Градот не функционира во полн капацитет и да се предизвика немир и револт, бидејќи нели тоа е и стратегијата на хибридните напади. Станува збор за обид за политичка субверзија и намалување на кредибилитетот на градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска“, оценува Стефановски.

- Реклама -