Спасовски: Почестен сум што го потпишав првиот Договор помеѓу Северна Македонија и ЕУ на македонски јазик

„Почестен сум што го имав задоволството денеска да го потпишам првиот Договор помеѓу Република Северна Македонија и ЕУ на македонски јазик. Среќен сум што покажавме дека еднаквоста доаѓа преку разбирањето дека сите работиме за заедничка цел – во интерес на заедницата, на граѓаните“, напиша на својот Фејсбук профил министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски.

Македонскиот народ, вели Спасовски, сега веќе го препознава единството и станува реален сведок на заедничката европска визија, здружен со сите европски народи.

„Или, од аспект на Договорот за оперативни активности спроведени од страна на Агенцијата за Европската гранична и крајбрежна стража (ФРОНТЕКС) во Република Северна Македонија – тоа ќе значи безбедни граници на нашата држава, автоматски зајакната безбедност на македонските граѓани, а со тоа и зачувување на границите и безбедноста на државјаните на Европската Унија. Партнерство кое носи ВИН-ВИН ситуација!

Со други зборови, брзото распоредување на персонал и опрема на ФРОНТЕКС или странски полициски службеници на критични точки на границите, од една страна ќе овозможи ефикасно управување и справување со предизвиците од миграцијата, но од друга страна ќе претставува и зајакната заштита од потенцијални закани поврзани со сериозниот криминал со прекугранична димензија.

Договорот со ФРОНТЕКС претставува гарант за имплементација на највисоките стандарди на интегритет, етичко однесување, професионализам, како и почитување на основните права и обврски од претходно договорениот оперативен план од страна на сите учесници во оперативните активности“, посочи Спасовски.

Извор/Фото: МИА

- Реклама -