Москва стравува дека Киев ќе употреби валкана бомба, Волас ги отфрли тврдењата како „изговор за понатамошна ескалација“

Рускиот министер за одбрана – Сергеј Шојгу, имал телефонски разговори со неговите колеги од Турција, Франција, Велика Британија и САД, информираа руското и соодветните министерства за одбрана. Како што соопштија од руското МО, во разговорите Шојгу ја изразил „загриженоста на Москва дека Украина може да изведе провокации со валкана бомба“ (бомба направена од конвенционални експлозиви, но јадрото е опкружено со радиоактивен материјал).

Во разговорот со францускиот министер за вооружени сили – Себастијан Лекорну, Шојгу оценил дека ситуацијата во Украина се стреми кон „натамошна неконтролирана ескалација“ и изразил загриженост за наводната намера на Киев да употреби валкана бомба. Според француските медиуми, кои се повикуваат на соопштението на француското Министерство за одбрана, Лекорну истакнал дека „Франција е против каква било форма на ескалација, особено нуклеарна“, при што нагласил и дека тој има намера наскоро да разговара со својот украински колега. Лекорну, исто така, го уверил Шојгу дека Франција има желба за мирно решавање на конфликтот во Украина.

Според руското МО, Шојгу денеска остварил уште еден разговор за Украина, втор во само неколку дена, со шефот на Пентагон – Лојд Остин. Детали не се соопштени. По првиот разговор, Остин единствено ја потенцираше важноста на зачувување на каналите за комуникација со Русија, како и дека разговарал со украинскиот колега и го уверил во „непоколебливата посветеност на САД за поддршка на способноста на Украина да се спротивстави на руската агресија“.

Прочитајте и:  Милер: Русија е таа што ескалира, политиката на САД за употреба на американското оружје од Украина не е променета

Во разговорот со британскиот министер за одбрана Бен Волас, како и во претходните повици, Шојгу ја пренел „загриженоста за можните провокации од Украина со употреба на валкана бомба“, соопшти руското МО. Како што соопштија од Лондон, меѓутоа, Волас ги отфрлил тврдењата на Шојгу дека „Киев, со помош на Западот, планира акции што ќе го ескалираат конфликтот во Украина“.

„На барање на руското Министерство за одбрана, министерот Бен Волас попладнево разговараше со неговиот руски колега Шојгу. Рускиот министер тврди дека Украина планирала дејствија со помош на западните земји, вклучително и Британија, кои би го ескалирале конфликтот во Украина. Министерот Волас ги отфрли тие тврдења и предупреди дека таквите обвинувања не треба да се користат како изговор за понатамошна ескалација“, се вели во соопштението на британското Министерство за одбрана.

Волас, воедно, повторил и дека Британија и „пошироката меѓународна заедница“ ја поддржуваат Украина и дека сите сакаат конфликтот да се деескалира.

„На Украина и Русија е да бараат решение, а Британија е подготвена да помогне“, се додава во соопштението.

- Реклама -