Мицевски: Бугарските европратеници бараат бришење на македонскиот јазик, затоа ВМРО-ДПМНЕ нема да поддржи уставни промени

„Полека но сигурно, вистината испливува на површина! Иако декларативно и постојано нѐ убедуваат дека македонскиот јазик е ‘заштитен’, конечно гледаме дека тоа не е вистина… Имено, последниот доказ за тоа е заедничкиот став на бугарските европратеници. Без разлика од која политичка опција доаѓаат, тие бараат БРИШЕЊЕ НА МАКЕДОНСКИОТ ЈАЗИК“, напиша на својот Фејсбук профил Никола Мицевски од ВМРО-ДПМНЕ, споделувајќи фотографија од амандманите поднесени од бугарските европратеници на Мешовитиот парламентарен комитет во Стразбур.

Спроед него, единствено Владата е таа што не ја гледа или не сака да ја види бугарската негаторска и асимилаторска политика кон Македонија, македонскиот народ и македонскиот јазик.

„Ова повеќе не се само желби искажани напразно, ова е веќе официјална политика на Бугарија кон Македонија, која што во текот на вчерашниот ден уште еднаш се потврди преку амандмани на Мешовитиот парламентарен комитет во Стразбур, поднесени од страна на бугарските европратеници каде побараа бришење на македонскиот јазик“, напиша Мицевски.

Како едни од подносителите на овие амандмани се вбројуваат и Сергеј Станишев, претседател на Групата на социјал-демократи во Европскиот парламент и поранешен премиер на Бугарија, како и Александар Јорданов, од Сојузот на демократски сили и поранешен амбасадор во Македонија, посочи Мицевски.

„Значи, без разлика на која политичка опција припаѓаат бугарските претставници и државници, бугарската политика и дипломатија кон македонското прашање не се менува. За жал, тоа не е случај и кај нас“, констатира координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, потенцирајќи дека токму од овие причини, најголемата опозициска партија нема да прифати уставни измени.

„Токму затоа, уште еднаш јасно и гласно кажувам дека решението не е во ова што ни се нуди и упорно ни се сервира како опција која што треба и мора да ја прифатиме. Ве уверувам дека ова нема да биде последната уцена и вето кон Македонија од страна на бугарската страна, бидејќи токму штетниот Договор за добрососедство потпишан од страна на македонската влада го дозволува тоа.

Оттука, повторно сакам да упатам силна порака дека уставни измени нема да има сѐ додека не се укине и измени уценувачкиот и асимилаторскиот Договор за добрососедство, кој што за волја на вистината е извор на сите неправди, уцени, негации и омаловажувања на македонскиот народ“, подвлече Мицевски, појаснувајќи дека тоа е негов личен и истовремено и ставот на ВМРО-ДПМНЕ, од кој, како што рече, нема нема отстапување и нема попуштање.

„Сакале или не, ова мора да го разберат и прифатат и претставниците од македонската и претставниците од бугарската Влада“, додаде Мицевски.

- Реклама -