Демократски сојуз за усвоените препораки на комисијата со Бугарија: Грешки со историски димензии

Демократскиот сојуз предупредува на процес на сечење на македонските корени преку заедничката комисија за историски и образовни прашања, со што, според партијата, се отвора процес на бугаризација на Македонија.

„Работата на оваа комисија е рефлексија на решенијата содржани во Договорот за пријателство, добрососедство и соработка помеѓу Република Македонија и Република Бугарија со кој се дефинира заедничка историја и формирање на Комисија за историски и образовни прашања.

Формулациите за заедничко чествување на Светите Кирил и Методиј, Св. Климент, Св. Наум и Цар Самоил и препораките за менување на учебниците во двете земји кои ги усогласила заедничката комисија, директно го менуваат историскиот наратив во полза на бугарската национална и етничка кауза во Македонија“, посочуваат од ДС.

Како што велат од партијата, неприфатливо е со административни комисии и решенија да се менува минатото, со интенција со релативизирање на историските факти да се негира и обезличува македонскиот идентитет.

„Ова е безуспешен обид на транспозиција на современата свест во далечното минато и погрешно сфаќање на историјата, формирана во периодот на комунизмот“, нагласуваат во соопштението.

„Со оспорување на македонските просветители и револуционери кои се дел од КОДОТ на секој Македонец, се негира македонскиот идентитет, неговите корени и иднината. Да потсетиме, тој што нема историја, нема иднина, а токму тоа сега се прави“, категорични се од ДС.

Во реакцијата, партијата ги повикува историчарите од Македонија, но и од регионот и од Европа, како и сите прогресивни луѓе, да застанат зад историските факти во одбрана на македонскиот народ и неговиот идентитет, историја, култура и јазик.

„Договорот е со фабричка грешка, бидејќи поаѓа од наводна заедничка историја која ги поврзува двете држави и нивните народи, но Бугарија под таа формулација подразбира ‘бугарска историја’ “, наведуваат од Демократски сојуз.

Како држава, велат, треба да ги процениме сите ризици од прифаќање на решенијата на Комисијата за историски и образовни прашања, но и (ризиците) од продолжувањето на нејзината работа, особено што, како што велат, овие обврски се дел од Протоколот потпишан од министрите за надворешни работи на двете земји и истовремено се составен дел на Преговарачката рамка за нашето пристапување кон ЕУ, кои Бугарија може да ги користи за уцени и блокирање на евроинтеграциските прооцеси на Македонија.

„Дополнително, ваквите решенија не водат кон нормализирање и унапредување на соработката меѓу двата народа и двете држави, што е наш заеднички интерес. Напротив, тие ќе ја продлабочат недовербата во целиот процес и ќе отворат многу други болни прашања на внатрешен план“, оценуваат од Демократски сојуз.

Само носители на политички и државни функции, без национална свест и интегритет, како и со лукративни цели, можат да не водат сметка за македонските национални и државни интереси, додаваат од партијата.

- Реклама -