Ковачевски: Во Тетово ќе се произведуваат електричните возила e.GO, голем придонес во македонската економија

„Во Република Северна Македонија, за првпат, ќе се произведуваат електричните возила e-GO. На денешната владина седница ја одобривме владината поддршка за да се реализира оваа мултимилионска германска инвестиција, која ќе даде голем придонес во македонската економија“, информираше денеска на Фејсбук премиерот Димитар Ковачевски.

Како што соопшти тој, тоа ќе биде прва фабрика од автомобилската индустрија во која за првпат ќе се произведуваат целосни електрични автомобили, и истата ќе се гради во Технолошко индустриски развојна зона (ТИРЗ) Тетово.

„Со изградбата на новата фабрика обезбедуваме нови работни места за нашите граѓани, договори за дополнитена соработка со други локални компании, извоз на производи со голема додадена вредност, пренос на знаење и технологии. Ова е можност Северна Македонија да биде мапирана од странските инвеститори од автомобилската индустрија“, напиша Ковачевски, додавајќи дека Владата прави сѐ за да обезбеди подобра иднина за сите наши граѓани.

Како што соопштија од Владата по денешната 68. седница, со обезбедувањето на услови за мултимилионска инвестиција од НЕКСТ.Е.ГО МОБИЛЕ СЕ, Ахен, Германија, во ТИРЗ Тетово ќе се отворат 3.000-4.000 нови работни места.

- Реклама -