ЕК: ЕУ мора да биде подготвена за целосно укинување на рускиот гас зимово, мора да се штеди на секое, вклучително и на лично ниво

Брисел, 20 јули 2022 (МИА) – Европската Комисија го презентираше својот предлог за штедење на гас во ЕУ и предупреди дека Русија оваа зима би можела целосно да ја затвори славината за гас кон ЕУ, јави дописничката на МИА од Брисел.

Европската Комисија ја обвини Русија дека веќе пред почетокот на војната во Украина вршела притисок преку намалување на доставата на гас и со вештачки ја зголемувала цената на енергенсот на светскиот пазар, но уште повеќе е загрижена поради фактот што официјална Москва би можела во текот на оваа зима целосно да го укине извозот на гас кон Европа, и посебно кон ЕУ.

Поради оваа ситуација, Европската Комисија денеска презентираше нов правен инструмент за намалување на потрошувачката на гас за 15 отсто до идната пролет.

Конкретно Европската Комисија бара сите чинители во општеството, поединци, домаќинства, јавна администрација, и индустријата да преземат мерки за штедење, додека Комисијата паралелно забрзување на диверзификацијата на изворите на енергија и заедно набавување на гас, во кое треба да е вклучен и Западниот Балкан.

Со ова ќе им се стави на земјите членки таргет на намалување на потрошувачката на гас за 15 отсто, но доколку дојде до поголемо влошување на состојбата, Европската Комисија, преку предложената регулатива, и по консултација со земјите членки, би можеле и да наметне задолжително намалување.

За намалувањето на потрошувачката на руски гас, ЕУ се врти и кон други снабдувачи со кои е потпишан Меморандум за разбирање, меѓу нив се Азербејџан и Катар, но и САД.

Прочитајте и:  Медведев: Европските политичари сакаат ескалација на украинскиот конфликт по победата на Трамп

Но, вели претседателката на Европската Комисија, Урсула фон дер Лајен, ова не е доволно и вториот столб на намалувањето мора да биде штедење на секое ниво.

@Земјите членки веќе прават многу, но мора да се подготвиме за повеќе, мора да се справиме со енергетската безбедност на ниво на ЕУ, и да се подготвиме за целосно укинување на рускиот гас, Русија пресметливо врши притисок и веројатно е сценарио во кое се отсекува целосно гасот за ЕУ, тоа би ги погодило сите земји на ЕУ, но ако работиме обединето можеме да се справиме со кризата#, изјави претседателката Фон дер Лајен на денешната прес конференција во Брисел.

Мора да се прават залихи веќе ова лето и да се почне сега со штедење, објасни Европската Комисија, како на државно или индустриско ниво, така и на лично, на пример преку гасење светла и слично.

Клучна ќе биде солидарноста меѓу земјите членки, повеќе пати повтори фон дер Лајен.

„Некои земји се повеќе изложени на рускиот гас и се поранливи, но сите земји членки ќе страдаат ако има укинување, затоа е важно сите земји членки да придонесат кон правење залихи и споделување со соседите“, рече шефицата на Европската Комисија.

Предлогот за оваа регулатива ќе се најде на маса на министрите за енергија во наредните денови, тие ќе гласаат со квалификувано мнозинство за предлогот.

- Реклама -