Ковачевски: Сончогледово масло имаме, извозот за Албанија нема да го наруши македонскиот пазар

Уште од првиот ден на енергетската и економската криза, кога заради војната во Украина пораснаа цените на производите и земјите донесоа забрани за извоз со цел да се заштитат цените на резервите што ги имаат, Владата и нашите ресорни министри разговараат со соседите и носат конкретни одлуки, истакна во Дневникот на ТВ „Сител“ премиерот Димитар Ковачевски.

Прашан конкретно за извозот на сончогледово масло кон Албанија, кој ќе започне од утре, Ковачевски објасни дека се работи за рафинирано масло, додека нашиот беше недостиг од нерафинирано масло.

„Конкретно, трговијата се одвива преку приватните компании заради тоа што сите земји имаме либерално пазарно уредување. Ние имавме недостаток од нерафинирано масло, Србија имаше забрана за извоз на нерафинирано масло. Тие извезоа кај нас рафинирано, и ресорните министри од Владата со постојани контакти успеаја да обезбедат нерафинирано масло, суровини за нашите компании“, рече премиерот. Албанија, посочи, има проблем со рафинирано масло, а ние имаме доволно и нема да се наруши пазарот во државата доколку им дадеме.

Во однос на цената на маслото за јадење, Ковачевски одговори дека „колку и да имате на залиха, тоа не ја спушта цената на маслото, бидејќи самите суровини од кои се произведува маслото се драматично пораснати на светскиот пазар“. Економијата не треба да се политизира, додаде тој, објаснувајќи дека секој оној којшто знае да се приклучи дневно на берзите, точно ќе види дека во моментот има константно високо ниво на енергенсите (цената на нафтата и историски највисоко ниво на цената на електричната енергија) и доколку се погледнат цените на житото, јачменот, сончогледот… тогаш ќе се види дека тие цени се драматично поголеми во однос на нормалните цени коишто ги имаше.

- Реклама -