Од утре во Албанија почнува увоз на сончогледово масло од Македонија, кое претходно во Албанија главно се увезувало од Украина, изјави албанската министерка за финансии – Делина Ибрахимај, денеска на заедничката прес-конференција со македонскиот министер за економија – Крешник Бектеши.
„Република Северна Македонија утре ќе донесе важна одлука со која ќе се отвори извозот на сончогледово масло во Албанија, производ кој главно беше увезуван од Украина. Кај нас се чувствуваше недостиг како и на меѓународните пазари, што е и причината зошто цените се повисоки“, соопшти Ибрахимај.
Таа му се заблагодари на Бектеши за „конструктивните разговори“ и истакна дека гарантира дека односите меѓу двете земји на полето на трговијата ќе продолжат да бидат многу добри.
Ибрахимај истакна и дека ќе продолжи олеснувањето на сите процедури во рамки на Отворен Балкан.
Поради недостиг на масло за јадење во Албанија, чија цена е 3.1 евро, голем број албански граѓани од пограничните региони со Македонија зејтин главно купуваат во Дебар, Струга, Охрид и Ресен.
МИА