Путин ја одликуваше бригадата обвинета за злосторства во Буча

Москва, 18 април 2022 (МИА) – Рускиот претседател Владимир Путин на 64-та руска моторизирана пешадиска бригада денеска ѝ додели почесна титула за „херојство“, пренесуваат француските медиуми, додавајќи дека Украина ја обвини воената единица за злосторствата извршени во Буча.

Путин потпиша декрет со кој ги одликува членовите на бригадата за нивното „херојство, истрајност, одлучност и храброст“, соопшти Кремљ.

„Одлучните и вешти акции на членовите на бригадата за време на специјалната воена операција во Украина се пример за извршување на воената задача, храброст, решителност и голем професионализам“, напиша Путин во пораката до војниците.

Кремљ не прецизира каде се тие сега, која е нивната мисија или каде се распоредени.

Прочитајте и:  Коваленко: Денешниот ракетен удар врз Киев е почеток на масивни напади врз Украина

Киев ја обвинува руската армија, особено 64-та моторизирана пешадиска бригада, за масакрот врз цивилите во Буча, што беше откриен по повлекувањето на руските војници од градот, на 30 март.

Русија ги отфрла обвинувањата и тврди дека украинските власти и западните медиуми го организирале масакрот или дека го извршиле украинските сили за да ја обвинат Москва.

Според украински извори, во Буча биле убиени околу 300 цивили.

- Реклама -