Зеленски за убиените цивили во Буча: Отсега ова е сликата за Русија, вашата култура и хуманост умре заедно со Украинците

ПРЕДУПРЕДУВАЊЕ: ВОЗНЕМИРУВАЧКИ ФОТОГРАФИИ

Руските воени злосторства мора итно да бидат запрени, порача украинскиот претседател Володимир Зеленски во синоќешното видео обраќање посветено, пред сѐ, на извештаите за масовните гробници и десетиците убиени цивили и нивните тела оставени по улиците во украинскиот град Буча, што ги затекнаа украинските сили.

Иако Москва негира дека руската војска стои зад ваквите грозоморни сцени, Зеленски беше категоричен дека руските лидери мора да бидат повикани на одговорност за ѕверствата на руските војници.

Во обраќањето, покрај на украински, Зеленски зборуваше и на руски, опишувајќи ги, во детали, воените злосторства во Буча.

„Денешното обраќање ќе го почнам без поздравување. Не сакам да користам вишок зборови. Претседателите обично не се снимаат обраќања како ова. Но денеска морам, по она што беше откриено во Буча и во другите наши градови од кои окупаторите беа истиснати“, започна Зеленски.

„Во Буча, украинските сили кои го заземаа градот назад, најдоа стотици мртви луѓе. Мирољубиви луѓе измачувани и застрелани. Мртви тела на улиците. Минирано тло. Дури и телата на оние кои беа убиени беа минирани. Насекаде последици од пљачкосување.

На нашата земја, имаше концентрирано зло. Убијци, измачувачи, силувачи, пљачкачи. Оние кои себеси се нарекуваат армија. И кои заслужуваат само смрт за нивните дела“, рече Зеленски, па продолжи на руски:

„Сакам секоја мајка на секој руски војник да ги види телата на оние кои беа убиени во Буча, Ирпин, Хостомел. Што ли згрешија тие? Зошто беа убиени? Што згрешил човекот што возел велосипед крај патот? Зошто обични цивили биле испрашувани и мачени до смрт во обичен, мирољубив град? Зошто жените беа задавени откако нивните обетки биле откинати од нивните уши? Како може жени да бидат силувани и убиени пред очите на нивните деца? Нивните тела измачувани дури и по нивната смрт? Зошто тенковите ги прегазија телата на луѓето? Што ѝ згреши украинскиот град Буча на вашата Русија? Како ова стана можно?

Дури и да сте пораснале пљачкачи, како тие воедно станаа и касапи? Не можело да не сте знаеле што се крие во вашите деца. Не можело да не забележите дека нив им недостасува човечност. Без душа. Без срци. Тие убиваа намерно, и со задоволство“, рече Зеленски обраќајќи им се на руските мајки.

Тој продолжи со порака за руските лидери:

„Сакам сите лидери на Руската Федерација да видат како се извршуваат нивните наредби. Овие наредби. Нивното спроведување. Тие треба да сносат заедничка одговорност за овие убиства, за овие измачувања, за откорнатите раце од експлозии на овие луѓе кои лежат на улиците, за овие куршуми испукани во тиловите на луѓе кои биле врзани“, гневен беше украинскиот претседател.

Овие сцени, потенцираше, отсега ќе бидат првата асоцијација кога ќе се спомене Руската Федерација:

„Вака отсега ќе биде гледана руската држава. Ова е вашиот лик. Вашата култура и хуман имиџ умре заедно со Украинците“, му порача Зеленски на официјален Кремљ.

Украинскиот претседател увери и дека во тек се напори за обнова на водоснабдувањето и снабдувањето со електричната енергија во Буча, како и за обновување на медицинските установи и инфраструктурата.

Зеленски повторно ја потенцираше потребата од посилни санкции против Русија, најавувајќи дека дефинитивно ќе има нов пакет санкции, но притоа изразувајќи целосен песимизам дека тоа ќе биде доволно за да биде запрена Русија. Не само Русија, треба да биде запрено и политичкото однесување што дозволи „ова зло да дојде во нашата земја“, додаде Зеленски, вперувајќи го прстот кон лидерите од Западот за нивната попустливост кон рускиот претседател Владимир Путин низ годините.

Зеленски посочи дека е 14-годишнина од самитот на НАТО во Букурешт, на кој Грузија и Украина, за разлика од Албанија и Хрватска, не добија акциски план за членство – таканаречен MAP (Membership Action Plan) – статус кој земјите ги става на патот кон приклучување во Алијансата. На самитот, НАТО членките испратија охрабрувачки пораки дека се согласни овие земји да станат членки на НАТО, но тоа не го официјализираа со MAP статус. Конкретно, земјите кои наводно не го дозволија тоа, беа Германија (на чело со Ангела Меркел) и Франција (на чело со Никола Саркози).

Прочитајте и:  Макрон го повика Путин да се вразуми, а Кина да го притисне за деескалација... потегот на Бајден го смета за „добра одлука“

„Тогаш имаше шанса да се извлече Украина од ‘сивата зона’ во Источна Европа, од ‘сивата зона’ меѓу НАТО и Русија, во која Москва мисли дека ѝ е дозволено да прави што сака, дури и најужасните воени злосторства. Прикриено зад оптимистички дипломатски изјави дека Украина би можела да стане членка на НАТО, во 2008 беше одбиено да се прифати Украина во Алијансата“, рече Зеленски во обраќањето алудирајќи на самитот во Букурешт.

„Апсурдниот страв на некои политичари од Русија беше прикриен. Тие мислеа дека одбивајќи ја Украина ќе ја задоволат Русија и ќе ја убедат да ја почитува Украина и да живее нормално покрај нас“, продолжи украинскиот претседател. „Во 14-те години од таа погрешна пресметка, Украина преживеа револуција и 8 години војна во Донбас. И сега се бориме за нашите животи во најстрашната војна во Европа по Втората светска војна“, рече Зеленски, при што директно ги прозва и ги повика Меркел и Саркози да го посетат Буча и да видат до што довела нивната 14-годишна политика, односно „со свои очи да ги видат измачуваните украински мажи и жени“.

Сепак, Зеленски прецизираше дека Украинците не го обвинуваат Западот, туку единствено руските сили и оние кои им ги дале таквите наредби. Меѓутоа, констатира тој, Украина има право да зборува за нерешителноста на Западот.

Од друга страна, кај Украинците нема нерешителност, продолжи тој:

„Ние немаме нерешителност. Без оглед дали сме во некаков блок или неутрални. Ние знаеме само едно: Ние мораме да сме силни. Пред 14 години, рускиот лидер им рече на западните лидери во Букурешт дека не постои земја Украина“, истакна Зеленски, алудирајќи на информациите дека на тој самит, Путин на тогашниот американски претседател Џорџ Буш му рекол дека „Украина не е ни вистинска нација-држава“.

„Ние докажуваме дека постои таква земја. Украина била и ќе биде. Нема да се криеме зад силните во овој свет. Нема да молиме никого. Искрено, не требаше да бараме помош. Оружјата требаше да ни бидат дадени без да мораме да ги побараме“, констатира Зеленски.

Тој подвлече дека Украинците, за разлика од „руските окупатори“, имаат стандарди.

„Ги имате стандардите на украинскиот народ, и ги имате стандардите на руските окупатори. Има добро и зло. Има Европа, и има црна дупка која сака сѐ да раскине на парчиња и да проголта. Ние ќе победиме во оваа војна дури и ако политичарите останат неспособни да ја надминат нерешителноста што ја пренесуваат на нивните наследници. Бидејќи Русија беше избркана и Украина се враќа, и враќа живот. Злото ќе биде казнето. Слава на Украина“, рече Зеленски.

Покрај ова, украинскиот претседател, во обраќањето, најави и дека ќе биде воспоставен „механизам за правда“ за да се истражат злосторствата извршени од руски војници на украинска територија. Механизмот, како што рече, ќе биде поддржан од украинското Министерство за надворешни работи, Канцеларијата на јавниот обвинител, Националната полиција, Службата за безбедност, Разузнавачката служба и другите владини гранки.

„Овој механизам ќе ѝ помогне на Украина и на светот да ги изведат пред конкретна правда оние кои ја покренаа или на кој било начин учествуваа во оваа ужасна војна против украинскиот народ и во злосторствата против нашиот народ“, подвлече Зеленски, уверувајќи дека сите партнери на Украина ќе бидат детално информирани за тоа што се случило на привремено окупираните територии на Украина, и најавувајќи дека воените злосторства во Буча и другите градови ќе бидат разгледани и од Советот за безбедност на ОН во вторник.

Денеска Зеленски и лично го посети Буча и неколку други локации во околината на Киев.

Русија, инаку, ги негираше  овие обвинувања и побара итна седница на Советот за безбедност на ОН, на која, како што рекоа, ќе ги презентираат своите сознанија според кои злосторствата во Буча ги извршиле украински „радикали и националисти“.

- Реклама -