НАТО земјите имаат „зелено светло“ од САД да ѝ испратат борбени авиони на Украина

Земјите-членки на НАТО имаат „зелено светло“ да испратат борбени авиони во Украина, изјави американскиот државен секретар Ентони Блинкен.

Во интервју за CBS News, на прашањето дали Полска, како членка на Алијансата, може да испрати борбени авиони во Украина, тој рече дека Варшава има „зелено светло“ за тоа.

„Всушност, разговараме со нашите полски пријатели за тоа како можеме да помогнеме ако одлучат да ги обезбедат тие авиони на Украина и како можеме да им помогнеме да ги заменат авионите што ги испратија во Украина“, рече Блинкен.

Претходно, за време на неговата посета на Молдавија, тој изјави дека САД „многу активно работат“ на договор со Полска за испраќање воени авиони во Украина, како и дека се во постојани разговори со украинските власти за најновите проценки на нивните потреби и на она што НАТО сојузниците можат да го обезбедат за зајакнување на одбраната на украинските сили. Конкретно, американскиот државен секретар рече дека се разговара и за тоа како да ѝ се компензираат авионите на Полска, ако земјата реши да ѝ ги испрати на Украина.

По тоа прашање, неколку американски медиуми викендов објавија дека е можен договор со кој за возврат САД на Полска би ѝ испратиле американски ловци Ф-16. Портпаролот на Белата куќа, меѓутоа, изјави дека сѐ уште се разгледуваат неколку аспекти од ваквиот чекор, вклучително и како авионите да се префрлат од Полска во Украина.

Украина и нејзиниот претседател Володимир Зеленски од првиот ден на инвазијата бараат затворање на украинското небо, или, како алтернатива, западот да им даде авиони за да можат (барем во теорија) самите да воспостават контрола на својот воздушен простор. Конкретно, Украина бара авиони од руско производство, бидејќи украинските пилоти се обучени такви да управуваат.

Прочитајте и:  Туск: Војната во Украина влегува во одлучувачка фаза, заканата од глобален конфликт е сериозна и реална

Како што веќе пишувавме, се шпекулираше дека Украина би можела да добие вкупно 70 такви авиони од земјите од Европа, од кои најголем дел од Бугарија. Но бугарскиот премиер Кирил Петков мошне убедливо демантираше дека Бугарија тоа ќе го направи. Покрај Бугарија и Полска, руски авиони има и Словачка. Се шпекулира дека неколку има и Унгарија, но оваа земја одбива воопшто да испраќа оружје за Украина.

И Полска, барем официјално, засега тврди дека нема намера да ги дава своите авиони. Од кабинетот на полскиот премиер вчера на Твитер категорично реагираа дека се работи за лажна вест, а притоа посочија и дека не само што Полска нема да даде авиони, туку нема да дозволи ниту користење на нејзините аеродроми.

„Значително помагаме во многу други области“, потенцираа од кабинетот на полскиот премиер.

- Реклама -