Ковачевски: Позициите за македонската посебност остануваат непроменети, моштите на Гоце Делчев почиваат и ќе почиваат во Скопје

„Дефинираните позиции за македонската засебност и посебен културно-јазичен идентитет остануваат непроменети. Граѓаните да бидат спокојни дека од црвените линии за запштита на нашиот идентитет не отстапуваме, но посветено работиме што побрзо да бидеме дел од европското семејство“, порача денеска премиерот Димитар Ковачевски од собраниската говорница, каде во моментот во тек е расправа за избор на заменици-министри во Владата.

Во своето обраќање пред пратениците, осврнувајќи се на надворешната политика, Ковачевски рече дека билатералните разговори со Бугарија за динамизирање на економската соработка и добрососедството продолжуваат, а историските прашања ги оставаат на решавање на стручната историска фела.

„Историските прашања ги оставаме на решавање на стручната историска фела, но воедно Ве уверувам дека дефинираните позиции за македонската засебност и посебен културно јазичен идентитет остануваат непроменети, јасни и цврсти, како досега, така и во иднина. И јас и сите граѓани немаме дилеми за тие прашања. Оттаму, недозволено и неприфатливо е било која политичка партија да генерира низок и ефтин политички маркетинг и лажен патриотизам. За мене, за сите наши претци и поколенија, нема дилема дека Гоце Делчев е еден од столбовите на македонската борба за самостојна и независна држава, како што знам и дека неговите мошти почиваат и ќе почиваат во Скопје“, потенцира Ковачевски.

Затоа, додаде Ковачевски, декларации и слични форми на политички фолклор и политиканство во најблага форма се неприфатливи и покажуваат сериозна дилема за нашето минато кај опозициската политичка партија која тоа го прави.

На почетокот на денешната собраниска седница при утврдувањето на дневниот ред, координаторот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Мицевски побара како последна точка да биде ставена декларацијата за Гоце Делчев.

МИА

- Реклама -