СДСМ побара ВМРО-ДПМНЕ да ја повлече Декларацијата за Гоце Делчев

За СДСМ Декларацијата што ВМРО-ДПМНЕ ја поднесе во Собранието по повод 150-годишнината од раѓањето на Гоце Делчев е политичко подметнување од страна на ВМРО-ДПМНЕ со цел да се продлабочат поделбите во македонскиот народ и оди на штета токму на неговиот лик и дело. Од партијата бараат ВМРО-ДПМНЕ да ја повлече Декларацијата и, како што велат, ако навистина сакаат да ја видат Северна Македонија во ЕУ да се вклучат на конструктивен начин во процесите кои се од национален интерес.

„Гоце Делчев е еден од најзначајните македонски национални херои чие наследство силно го промовираме. Од овој став не сме отстапиле ни милиметар. Популистичките игри на ВМРО-ДПМНЕ се на штета на ликот и делото на великанот Делчев. Наспроти ваквото политиканство, во најдобриот дух на визијата на македонскиот великан ние почнавме со градење мостови и културен натпревар со цел решавање на сите отворени прашања. Тоа бил и неговиот поглед за иднината и тоа е духот во кој ќе продолжиме понатаму. Срамно е што ВМРО-ДПМНЕ се обидува ова да му го направи на македонскиот херој Гоце Делчев“, рече на прес-конференција во Собранието координаторот на СДСМ – Никола Митрески.

Според СДСМ, македонскиот национален херој Делчев не заслужува да биде сведен на политичка декларација, а делото на великанот и неговиот историски придонес во создавањето на македонската држава не заслужува ваков потценувачки однос.

„Моштите на Гоце Делчев се во Скопје, во главниот град на македонската независна држава, и тука ќе останат. Гоце Делчев е вграден во македонската национална химна и таму ќе остане. Имаме град што го носи неговото име, училишта и библиотеки, улици и бројни споменици. Големо е неговото дело и почитта кон него“, рече Митрески.

За СДСМ декларацијата е политичко подметнување од страна на ВМРО-ДПМНЕ со цел да се продлабочат поделбите во македонскиот народ.

„Партијата која постојано е против нашите евроинтеграции во нивниот познат манир по стоти пат ја промашија темата. Бранат нешто што не е нападнато и со тоа си ја покажуваат сопствената несигурност и аматеризам. Таквата несигурност, таквиот аматеризам и таквиот дилетантизам нема да дозволиме да биде пренесен на граѓаните. Нема да дозволиме да ни држат лекции оние кои со бројни потези го срамат ликот и делото на Делчев“, рече Митрески.

Тој истакна дека вакво, како што рече, политичко понижување на делото на Делчев е штета на грбот на националниот интерес и прави да нема разлика помеѓу Христијан Мицкоски и некои други бугарски политичари кои имаат за една цел – градење на политички кариери преку одржување на спорот меѓу двете држави.

„ВМРО-ДПМНЕ и Мицкоски треба да се засрамат и да ја повлечат нивната т.н. декларација. Ги повикуваме, ако навистина сакаат да ја видат Северна Македонија во ЕУ, да се вклучат на конструктивен начин во процесите кои се од национален интерес. СДСМ и коалицијата нема да учествува во нивниот дневно-политички театар на кој единствена цел е да им помогне на оние центри кои не сакаат Северна Македонија да ги почне преговорите со ЕУ“, порача Митрески, додавајќи дека затоа бараат декларацијата да биде повлечена.

Од ВМРО-ДПМНЕ, од каде изминативе денови постојано повикуваат сите партии да ја прифатат декларацијата и тоа да биде, како што велат, точка на национално обединување, изразија жалење за ваквата реакција на СДСМ.

„Доколку во СДСМ внимателно го анализирале текстот на Декларацијата, ќе можеле недвосмислено да се уверат дека целта на ВМРО-ДПМНЕ, како и во минатото, така и денес но и во иднина, продолжува да биде – натамошно зацврстување на темелите на државноста.

ВМРО-ДПМНЕ е убедена дека со Декларацијата по повод 150 годишнината од раѓањето на Гоце Делчев, наместо неорганизирано, дифузно и недостоинствено одбележување, се воспоставуваат стандарди и се реализираат активности кои на еден одмерен, коректен и пред сé достоинствен начин државата ќе го одбележи овој голем јубилеј“, порачаа од опозицијата.

Тие ги повикаа СДСМ да објаснат што конкретно е за нив неприфатливо во декларацијата.

„1. Дали на СДСМ им е неприфатлив повикот до медиумите во годината кога се одбележува 150 годишнината од раѓањето на Делчев да вообличат содржини со кои ќе се одбележи ликот и делото на овој најголем херој на земјата;

2. Дали на СДСМ им смета повикот до Институтот за национална историја и до МАНУ да организираат научни собири по повод овој голем јубилеј?

3. Дали СДСМ има отпор и кон повикот до училиштата, во рамките на одделенските и класните часови, да спроведат активност со која учениците ќе се запознаат уште повеќе со ликот и делото на Делчев?

4. Конечно, можеби СДСМ се противат и на повикот за издавање на пригодна поштенска марка по повод овој голем јубилеј?!“, прашуваат од ВМРО-ДПМНЕ.

Според нив, односот на СДСМ кон Декларацијата за Гоце Делчев упатува на два можни заклучоци, од кои едниот е дека СДСМ е дел од некакво сценарио кое има за цел, како што велат, натамошно да ја девалвира државноста и историјата на македонскиот народ и граѓаните на Република Македонија (другата можност, според ВМРО-ДПМНЕ, е дека СДСМ воопшто не ја прочитале Декларацијата, што е, велат, крајно несериозно кон граѓаните).

„ВМРО-ДПМНЕ уште еднаш го повикува СДСМ и останатите парламентарни партии внимателно и со доза на најголема државна одговорност да му пристапат на повој предлог документ подготвен од пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ.

ВМРО-ДПМНЕ искрено верува дека со консензуалното изгласување на Декларацијата од страна на сите пратеници во Собранието, Република Македонија ќе го манифестира толку посакуваното единство и обединетост кога станува збор за афирмацијата и заштитата на нашите вредности и заложби за демократска и европска држава“, стои во реакцијата на ВМРО-ДПМНЕ.

- Реклама -